Разделување на домашното производство на електрична енергија, увозот, учеството на обновливи извори како и надоместокот за користење на електропреносниот и електродистирбутивниот систем во сметките за електрична енергија што ги добиваат домаќинствата побара Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) од Универзалниот снабдувач на последниот координативен состанок со електроенергетските компании.
– Потрошувачите мора точно да знаат што плаќаат. Колку од електричната енергија што ја користат е од домашно производство, колку е од увоз, колку се плаќа за користењето на електропреносниот и електродистрибутивниот систем. Во исто време имаме силна определба да се зголеми производството од обновливи извори кое што секако влегува со крајната цена. Целта е потрошувачите да бидат запознаени за која од електроенергетските компании колкав надомест плаќаат и на тој начин да го валоризираат квалитетот на услуга што го добиваа – појаснува претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Според него сите компании се сложни дека треба да се направи овој чекор, кој е и законска обврска, а едновремено е и европски принцип.
Од РКЕ информираат дека Бислимоски на координативниот состанок со кој тој заседава, ги задолжил електроенергетските компании да најдат трајно решение кое ќе обезбеди сигурна и континуирана испорака на електричната енергија во дебарскиот регион и инвестициите да се насочат фокусирано токму во овој дел од државата кој се покажа како ранлив кога има невреме.