Ризикува ли Македонија да го увезе делта-сојот со распашана команда на границите?

Да, делта сојот секако ќе дојде, но вака ќе дојде побрзо и не ќе може да се контролира, бидејќи ќе се јави на повеќе места одеднаш, вели д-р Никола Пановски за Плусинфо.

20,753

Додека му се радуваме на ова затишје на заразата од коронавирусот пред есенската бура што нè демне од многу позаразниот Делта сој, епидемиолози со светско реноме предупредуваат на крајна внимателност и придржување на препорачаните мерки. Некои, дури бараат властите во земјите да размислат и за воведување построги мерки, дури и карантин за граѓаните кои доаѓаат од странство.

Иако денеска очекувавме Комисијата за заразни болести да испорача нови мерки за патниците од странство, карантин, негативен ПЦР или сертификат за вакцинација за оние кои се враќаат од ризичните земји, сепак такво нешто не се случи.






Според членовите на Комисијата, во земјава ситуацијата со епидемијата е под контрола и нема потреба од препорака за нови мерки за заштита на граничните премини и воведување на задолжителен ПЦР тест за влез во земјава.

Од друга страна, пак, СЗО алармира дека светот е во опасна фаза од пандемијата поради „распрснувањето“ на индиската варијанта.

Дали е потребно да се воведат поригорозни мерки за влез во земјава, го прашавме д-р Никола Пановски, докторот кој за цело време на пандемијата будно ја следи состојбата и совреме предупредува да се заштити здравјето на граѓаните:

– Да, од здравствен аспект секако дека треба. Ако не се воведат, економскиот бенефит ќе биде краткотраен, бидејќи ако Делта сојот се прошири и економијата повторно ќе трпи наесен – вели д-р Пановски.

Според министерот Венко Филипче ситуацијата со коронавирусот е прилично мирна и нема ниту еден знак дека е можно да има влошување на епидемиолошката состојба.

– Повеќе денови по ред нема притисок ниту во болниците. Нема пријавување, нема наплив на пациенти ниту во амбулантите, а тоа ни укажува и потврдува дека ситуацијата е прилично мирна. Ја следиме ситуацијата и во околните земји, а насекаде во регионот е мирно,  и во Србија и во Албанија. Ги следиме и земјите каде нашите граѓани заминуваат на летните одмори, а има лесно зголемување на бројката на позитивни случаи во Грција, но тоа не е алармантно. Затоа, сметам дека летото, доколку ситуацијата продолжи вака, не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки, но сепак ситуацијата будно ја следиме, а има земји каде индискиот сој на коронавирусот побрзо се шири – вели министерот Филипче.

Ризикуваме ли летово, ако веќе не воведуваме построги мерки за зашита од Делта сојот, да ја увеземе опасната варијанта дома:

– Да, делта сојот секако ќе дојде, но вака ќе дојде побрзо и не ќе може да се контролира, бидејќи ќе се јави на повеќе места одеднаш – вели д-р Пановски за Плусинфо.

Засега Македонија само за патниците од Индија има условен влез од 14-дневен карантин, денеска според одлуката на Комисијата за заразни болеси, не се прошири листата со други високоризични земји.

За ова професорот д-р Пановски коментира:

– Очигледно економските интереси преовладале – вели тој.

Српскиот епидемиолог д-р Бранислав Тиодоровиќ проценува дека наесен можеме да бидеме во неволја ако сериозно не се пристапи кон вакцинирање, бидејќи делтата е многу позаразна и се пренесува побрзо.

– Животот мора да се врати и сите го знаеме тоа. Луѓето, особено младите, сакаат да патуваат, да излегуваат, да се забавуваат на концерти, спортски настани и тоа е во ред, но треба да се внимава. Најважниот месец ќе биде септември. Тоа е моментот кога започнуваат училиштата, кога луѓето се враќаат од одмори од разни места, од странство, кога започнува работата во тим. Октомври ќе ни покаже што сторивме во претходниот период, дали бевме вакцинирани во доволен број, дали се држевме до мерките и што треба да правиме понатаму – вели епидемиологот и член на Кризниот штаб, професорот Тиодоровиќ.

Тој додава дека не очекува ненадејни промени во текот на летото, но можно е зголемување наесен, кога сите ќе се вратат во работните организации, училиштата.

– Ќе дојде зимата, ќе работиме во затворен простор, затоа е потребно да се вакцинираме во текот на летото и да се почитуваат мерките, маските во затворен простор и зголемената дезинфекција на сите површини, во домот, тимот, ресторанот, барот – советува српскиот епидемиолог.

Поврзани содржини