Европската унија ги предупреди државите членки за ризик од недостиг на шприцови, марамчиња и заштитна опрема што е потребна за потенцијална масовна вакцинација против ковид-19 и ги повика да размислат за организирање заедничка набавка – се вели во документ на ЕУ.

Европскиот блок исто така побара од владите на ЕУ заеднички да размислат за купување повеќе вакцини против грип и зголемување на бројот на вакцинирани лица со цел да се намали ризикот од истовремена појава на грип и ковид-19 наесен.

Шприцовите и другите предмети може да недостигаат бидејќи се развиваат вакцини за ковид-19, им порача Европската комисија на здравствените експерти од европските земји на состанокот минатата недела, се вели во резимето на извештајот објавено на веб-страницата.

Може да има недостиг, предупреди ЕК, прашувајќи ги владите колку имаат резерви на шприцови, марамчиња, алкохол и опрема за лична заштита, како што се маски.

ЕК апелираше до земјите на ЕУ да размислат за организирање заедничка набавка, а претставниците на Италија и Холандија изразија интерес, се додава во документот.