🎥РИСИЦА И МЛАДЕНЧЕ СНИМЕНИ НА ШАР ПЛАНИНА Националниот парк објави убава вест

Со оваа снимка, бројката на документирани рисови на Шар Планина се зголемува од една на три единки.

0

Националниот парк Шар Планина информира дека со една од нивните поставени камери снимиле мајка рис со младенче, и двете во одлична здравствена состојба. Со ова, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.

„По успехот минатата година, кога првпат снимивме мажјак на локалитетот Лешница, денеска со огромна радост објавуваме дека и мајка со младенче се регистрирани на територијата на Општина Боговиње. Овој историски момент е резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на нашиот тим. А најубавиот дел? Колегата кој ја регистрираше снимката ја доби честа да го даде и името – мајката ја именувавме Сибел“, објавија од НП Шар Планина.






Тие споделија и факти дека балканскиот рис е територијално животно и секоја единка зазема голема територија, понекогаш и над 40 квадратни километри.

„Тоа значи дека на Шар Планина може да се очекуваат мал број стабилни единки, но секој новопотврден рис е огромен чекор напред за видот. Храната на рисот главно се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови кои се дел од шумскиот екосистем. Популациите на неговиот плен на Шара полека, но стабилно растат, што создава подобри услови за опстанок на рисот“, велат од националниот парк.

На територијата на НП Шар Планина ловот е целосно забранет, со што директно се придонесува кон заштита на рисот и неговиот плен.

Поврзани содржини