РИМАЦ АВТОМОБИЛИ ПОЧНУВА ДА ГО ГРАДИ КАМПУСОТ ВО КЕРЕСТИНЕЦ Најголемата хрватска инвестиција ќе ја реализира „Фациес“ од Самобор (ВИДЕО)

Кампусот ќе се простира на 200.000 квадратни метри од кои 95.000 квадратни метри ќе биде  работен простор.

1,191

Хрватската компанија „Римац автомобили“ почнува да го гради новото седиште во Керестинец. Кампусот ќе се простира на 200.000 квадратни метри од кои 95.000 квадратни метри ќе биде  работен простор. Цената на инвестицијата е 200 милиони евра и е една од најголемите градежни и финансиски инвестиции во хрватската економија. Изградбата ќе ја реализира компанијата „Фациес“ од Самобор.

Кампусот кој треба да биде готов за три години ќе се гради според проектот на загрепското студио 3LHD и неговиот архитект Марко Дабровиќ. Ангажирани се неколку други партнери на главниот дизајнер за проектите на уредување, сообраќајна инфраструктура, челичните и стаклени конструкции.






Меѓу другото комплексот ќе има истражувачки центар, патеки за тестирање возила, производствени сали и спортско – рекреативни капацитети за вработените.

Моментално во „Римац автомобили“ работат 1.100 работници кои се сместени на шест локации, а планот на сопственикот на компанијата Мате Римац е бројот на вработени во следните неколку години да го зголеми на 2.500.

За изградба на комплексот Римац го изнајми земјиштето  од градската управа на Света Недеља на 69 години.  За време на потпишувањето на споменатиот договор, Мате Римац, меѓу другото, рече дека ја затворил финансиската конструкција за кампусот и дека сака да започне со изградба што е можно поскоро.

Подготовките за изградба на кампусот  започнаа во 2019 година.

Во меѓувреме, компанијата ја продлабочи соработката со „Порше“ со неколку трансакции, од кои највредната, од 70 милиони евра, беше договорена во март годинава, потпиша договори за техничко партнерство со „Хјундаи“ и „Киа“ во вредност од 80 милиони евра, објави производството на автономни такси возила со поврзана инфраструктура во Загреб, промовираше прототип на хиперавтомобилот Невера и го презеде брендот луксузни автомобили „Бугати“ од групацијата Фолксваген.

Објавувајќи го преземањето на „Бугати“, „Римац автомобили“ објави дека кампусот во Керестинец ќе започне со работа во 2023 година и дека таму, меѓу другото, ќе се развиваат и нови модели на „Бугати“, чие производство во моментов се одвива во Молшајм, Франција.

 

Поврзани содржини