РИКНА СИСТЕМОТ ЗА ГРЕЕЊЕ Скопје остана без базенот во „Борис Трајковски“
Минатата недела ЈП Чистота и зеленило од Куманово кое менаџира со СРЦ Базени, информираше дека градскиот базен се затвора сѐ до решавање на енергетската криза во земјата.
Поради дефект на системот за греење од денеска не работи базенот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
– Причината за затворањето е од технички карактер, односно сериозен дефект на системот за греење. Делот е нарачан од Турција и треба да стигне за две недели, по што веднаш ќе го отвориме базенот за посетители – изјави директорот на спортскиот центар Александар Петровски за СДК.мк, кој додава дека ваков дефект имало и пред три месеци.
Во скопскиот базен тренираат околу 400 пливачи и репрезентативци од 33 клуба. Прекинот се случува непосредно пред одржувањето на Националното првенство во пливање, подготовките за Светското првенство во Јапонија и ред други меѓународни натпревари. Единствено во функција во земјава е малото корито на Олимпискиот базен во Скопје, кое ни оддалеку не може да одговори на потребите на пливачите.
Минатата недела ЈП Чистота и зеленило од Куманово кое менаџира со СРЦ Базени, информираше дека градскиот базен се затвора сѐ до решавање на енергетската криза во земјата.
– Новонастанатата енергетска криза во државата со рапидно поскапување на електричната енергија кон правните субјекти и тоа до десет пати за електрична енергија и четири пати за природен гас, нè става во ситуација како ЈП да генерираме енормни загуби во секојдневното работење на овој спортски комплекс и истиот сме приморани да го ставиме вон употреба во овој зимски период – информираа од Чистота и зеленило од Куманово.
На овој базен тренираат пет пливачки и еден ватерполо клуб со над 300 пливачи.
Од Олимпискиот базен „Центар“ велат дека работат со нормално работно време и распоред со 25 метарскиот базен.
„Ние, како и до сега, како одговорна институција во спортот во државата излегуваме во пресрет на сите клубови и пливачи коишто не можат да ги одржуваат тренинзите во базенот во Карпош и базенот во Куманово коишто во моментов не работат и заеднички ќе изнајдеме решение истите да ги вршат своите тренинзи на Олимпискиот базен Центар“, велат од Олимпискиот базен.