РЕЗУЛТАТОТ ВО ТЕТОВО ГИ ЗАСИЛИ БАРАЊАТА ЗА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ Власта е делегитимирана, тврди опозицијата

„Ова е аргумент плус за предвремени парламентарни избори, како прв чекор за излез од кризата, со влада која ќе има и легитимитет и капацитет да нуди решенија за сериозните проблеми со кои се соочува секој човек во Македонија“, оцени Антонио Милошоски.

2,701

Охрабрени од изборите за членови на Советот на општина Тетово, челниците на ВМРО-ДПМНЕ бараат предвремени парламентарни избори.

„Промените победија во Тетово! Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ! Промените ќе победат во Македонија! Предвремени избори за излез на Македонија од националната и економска криза!“, напиша на Фејсбук потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.






Се огласи и Антонио Милошоски, со оценка на исходот во Тетово:

„Резултатите во една голема општина како Тетово покажаа дека актуелната државна власт е двојно делeгитимирана. Ова е аргумент плус за предвремени парламентарни избори, како прв чекор за излез од кризата, со влада која ќе има и легитимитет и капацитет да нуди решенија за сериозните проблеми со кои се соочува секој човек во Македонија“.

Претходно Владимир Ѓорчев оцени дека Владата на СДСМ е „жестоко делегитимирана од огромен број на граѓани“.

– Односот на гласови помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Тетово е 2 спрема 1, во советници е 4 спрема 2, а ако тоа го пресликаме на ниво на Македонија, односот и во гласови и на анкетите е 400.000 гласови за ВМРО-ДПМНЕ, 200.000 гласови за СДСМ. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ во моментот би имала 55 пратеници, СДСМ 27 со целата нивна коалиција – пресмета Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Поразителен е фактот, вели Ѓорчев, дека власта на СДСМ и на Ковачевски треба по три пати да повторува избори како што се случи во Центар Жупа и во Маврово Ростуше, за да има доволно гласови, затоа што за време на Зоран Заев и Ковачевски народот масовно се иселува:

– Исто така треба да се каже дека за жал Ковачевски може да победува само исклучиво кога е единствен кандидат. Единствен кандидат беше Зоран Зев за претседател на СДСМ и доби 99 проценти гласови, единствен кандидат на предлог на Зоран Заев за претседател на СДСМ беше Ковачевски и доби 99 проценти од гласовите и вчера прогласува победа која што не е негова. Победата во Центар Жупа е на Демократската партија на Турците, а Ковачевски има само споредна улога – оцени Ѓорчев.

Поврзани содржини