РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПОПИСОТ СЕ ОЧЕКУВАНИ Експертите оценуваат дека тука нешто фали, затоа луѓето си заминуваат
Резултатите од пописот отвараат повеќе теми кои на долг рок се многу значајни, оценија експертите во Топ Тема на Телма.
Намалувањето на населението е почнат процес со депопулација на одредени региони и општини, тврди поранешниот директор на Државниот завод за статиските Дончо Герасимовски, во гостувањето во Топ Тема на Телма.
– Може да се даде оценка дека ги задоволуваат демографските потреби. Се гледа како се движеле појавите во изминатиот период од 20 години. Не интересираше каква е состојбата по однос на вкупниот број на население, миграционите движења, резидентно население, така да се добија во глобала податоци кои се очекуваа. Во однос на бројките, имам учествувано во пет пописи во кои има болно прашање во однос на етничките прашања. Тоа се веродостојни податоци, кои се прибрани и проверени и за кои експертот од Словенија рече бил присутен тука во Заводот за да помогне. Имајќи ги во предвид состојбите на етничката припадност, прв бев во изјавите дека секогаш предизвикува интерес. Пописот служи за креирање на политики во државата – рече Герасимовски.
Тој го коментираше и трендот на намалување на населението во државава, кое според него е почнато уште од 1992 година. Герасимовски се осврна на природното намалување на населението но и на иселувањето кое драстично се зголемува во последните години.
– Според природното движење на населението од 2002 до 2021 имаме некаде во околу 40 општини намалување, по природен пат, на населението. За тоа длабински анализи можеби треба да се прават. Според претходните податоци за 2021 за природно движење на насление имаме некаде 18.850 живородени, а 28.816 умрени, тоа е разликата од 10.236 жители – посочува Герасимовски.
Поранешнито директор на ДСЗ вели дека податоците од пописот не можат да бидат комплетни затоа што државата не води евиденција на иселени.
– Опфатот не е целосен, тоа не е попис, тоа се направило обид да се попише нашето население кое што живее надвор од земјата повеќе од 12 месеци. Имајќи во предвид колку наназад со години, земјите од Балканот традиционално мигрираат, тоа не е од сега, ако Светска банка, ако Обединетите нации кажуваат дека во светот има околу 600.000 македонски државјани кои што живеат надвор, тоа е нешто друго, ако Евростат кажува дека некаде за 10-на години наназад во земјите од ЕУ има околу 175.000 македонски државјани, тогаш за кои бројки ќе зборуваме – посочи Герасимовски.
За намалувањето на населението говореше и политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети.
– За тоа можеме да зборуваме како јавност, но да кажеме дека не бил исправен, не бил коректен, тогаш за тоа треба да има основа, и мислам дека тоа е повеќе политизирање кое им користи само на политичките партии за собирање политички поени – рече Мехмети во емисијата Топ Тема.
Според денеска презентираните статистички податоци од пописот 2021, бројот на население е намален, но за 34.000 е зголемен бројот на домаќинства, во споредба со минатиот попис, но од друга страна бројот на станови е поголем за 24.000 во споредба со вкупниот број на домаќинства.
– Мислам дека овој елемент треба да го анализираме, но тоа е и општ тренд, имаме се повеќе луѓе кои сакаат да живеат во странство и тоа треба да се разгледа. Значи дека нешто фали овде кај нас. Но од друга страна, другите податоци, оваа бројка со становите покажува дека Македонија не е толку сиромашна колку што изгледа според статистиките, или според макроекономските бројки. Тука има многу работи за анализа – нагласи Мехмети.
Според аналитичарот Александар Кржаловски, кој исто така беше гостин во Топ Тема, од своја страна препорача опфатот на податоците кои се попишуваат да биде уште поголем.
– Ние, како општество, сме рекле уште пред 30 години дека одиме кон граѓанско општество, каде што граѓанинот е битен, а не етничката припадност, ама уште не сме стигнале таму. Така да ова е добар чекор во таа насока и уште некое време ќе бидат битни податоци, додека да станат небитни. Но податоците за етничката припадност сѐ уште се важни и затоа сметам дека ова треба да се докомплетира како што треба. Јас сум поборник за се да се има податоци по етничка основа, и за тоа кој, какви субвенции добил во земјоделство, кој колку даноци платил и по општини. Да ги имаме податоците и тие ќе се демистифицираат и ќе нема за што да се расправаат партиите – рече Кржаловски.