Резил во Криволак – карантинот на Шеќеринска го „тестираше“ само оркестар од девет души?!

Според изјавите на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, касарната во Пепелиште во полигонот Криволак треба да биде место кадешто, изолирано од останатиот дел на нашето население, ќе се направат првите проверки од страна на медицински лица и ќе се донесе одлука што понатаму. Но, од 200 луѓе кои влегоа во Македонија, во Криволак, во нехигиенски услови, синоќа завршија само девет души.

15,977

Само девет македонски државјани кои се вратиле од Австрија преку Деве Баир на пат кон Битола, се сместени во центарот за изолација во објектот во Пепелиште, во воениот полигон Криволак, јавија синоќа неколку медиуми. Како што е познато, министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека околу 200 луѓе што беа заглавени на преминот Унгарија – Хрватска ќе се сместат во изолација.

Но, во карантинот во Пепелиште завршил само оркестарот на битолчаните. По пристигнувањето во Криволак, тие за повеќе медиуми дадоа вџашувачки изјави за условите во објектот, што во текот на денот го прегледа лично министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.






Според изјавите на лицата кои се изолирани во Криволак, сите други патници со комбиња биле пуштани дома, а само тие заглавиле во нехигиенски услови. До доцна синоќа немаше објаснување од официјални лица дали сите други патници навистина завршиле во своите домови или на друго место. Но, се чини дека извештаите на медиумите дека деветтемина членови на оркестарот се единствените гости во Криволак, се точни.

Порталот А1он и ТВ24 објавија видео-прилози со изјавите на првите гости на Криволак. На овој линк погледнете го видео прилогот на ТВ24.

На социјалните мрежи синоќа беа објавени многубројни коментари во кои се вели дека станува збор за класична дискриминација на граѓани од ромска националност и се тврди дека сите други завршиле во своите домови, наспроти ветувањата дека објектот во Пепелиште е подготвен за прием на сите што ќе доаѓаат од странство.

– Ова ќе биде шанса, изолирано од останатиот дел на нашето население, да се направат првите проверки од страна на медицински лица и да се донесе одлука што понатаму – изјави вчера министерката Шеќеринска.

На општо изненадување, на ваков третман се подложени само девет лица, кои тврдат дека немаат симптоми и не се противат да бидат тестирани, но бараат и тие да бидат пуштени дома, а не да живеат во Пепелиште.

Денеска очекуваме подетално објаснување од надлежните за она што се случило синоќа во карантинот во Криволак.

Фото: Принтскрин ТВ24

Поврзани содржини