„РЕЗИДЕНТИТЕ НА СКОПЈЕ СЕ БУГАРИ, БЕЗ ОБНОВЕНА ИСТОРИЈА ЗА НИВ НЕМА ЕУ НИ ВО СОН“ Тешки провокации и навреди од грчка европратеничка, која рече дека е горда Македонка
Денеска јас ќе говорам како Македонка бидејќи сум горда Македонка. Вистинска, не лажна како резидентите во Скопје. Тие се срамат да кажат она што се. Дојдовме до точка каде честа на Македонија и Грција ја бранат Бугарите, рече Гркинката во скандалозното обраќање во Европскиот Парламент.
Грчката европратеничка Афродити Латинопоулоу со скандалозно обраќање им даде поддршка на колегите од Бугарија кои бараат од извештајот за Македонија да се избришат термините македонски јазик и идентитет. Пред целиот Европски Парламент десничарката настапи со крајно навредливи и целосно негирачки ставови кон Македонците и македонскиот јазик.
– Денеска јас ќе говорам како Македонка бидејќи сум горда Македонка. Вистинска, не лажна како резидентите во Скопје. Тие се срамат да кажат она што се. Дојдовме до точка каде честа на Македонија и Грција ја бранат Бугарите. Нивната реакција е коректна, бидејќи тие знаат дека моменталниот јазик во Скопје е бугарски дијалект и дека нивната националност е бугарска. Ако сакате мир и добри односи на Балканот историјата мора да се обнови, инаку пристапот кон ЕУ нема да се случи ниту во нивните соништа. Македонија е Грција – преболете го тоа – рече таа.
Спротивно од Латинопули, нејзиниот сонародник Константинос Абванитис од групата Левица оцени дека напредокот во пристапувањето треба да зависи од исполнување на Копенхашките критериуми и изрази надеж дека Европската Комисија „ќе покаже иста ревност кон Западниот Балкан, како што покажува кон Источна Европа“.
Со негативен став кон нас, очекувано, настапија и бугарските европратеници, како Ивајло Валчев, Станислав Стојанов, потоа Андреј Ковачев и останатите бугарски пратеници кои учествуваа во дебатата.
Сепак, наспроти тоа, мнозинството европратеници од партиите од т.н. „проевропско мнозинство“ во Европскиот парламент во синоќешната дебата по Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година, изразија поддршка за нејзините европски аспирации и за пристапување кон ЕУ.
Највпечатлив беше настапот на словенечката европратеничка Ирена Јовева која изјави:
– За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет и храброст – рече Јовева.
Јовева додаде и дека документот на пратеникот Томас Вајц е извештај за патот на земја кандидатка за членство, на кој таа е понижена од некои членки на Унијата. Таа нагласи дека нема да гласа за амандманите за бришење на формулација „македонски идентитет и јазик“ од Извештајот, потенцирајќи дека македонскиот идентитет нема да исчезне поради нечие лобирање.
Извештајот денеска ќе бде ставен на гласање.