РЕВИЗОРИТЕ ЗАЧУДЕНИ ОД ШТО СЕ ПОЛНИ БУЏЕТОТ Во Арачиново уште не се наплаќа данок, ниту се издаваат одобренија за градба

Општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, а данокот на промет на недвижности и данок на наследство и подарок не се утврдуваат согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност.

1,847

Државниот завод за ревизија ги објави ревизорските извештаи на ЕЛС Арачиново. Од ДЗР информираат дека извршиле ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Арачиново, на сметката на основен буџет (630), за 2021 година.

„Со извршената ревизија, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Извршена е ревизија за 2017 година и издаден е Конечен извештај за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Општина Арачиново, сметка на основен буџет (630), при што овластениот државен ревизор се воздржа од давање мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, додека за усогласеност со закони и прописи изразено е неповолно мислење, се наведува во денешното соопштение од ДЗР.






Ревизијата опфатила спроведување на препораките презентирани во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2017 година на Општина Арачиново и било утврдено дека од дадените шест препораки, пет не се спроведени, а една е во тек на спроведување.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност кај Општина Арачиново, сметка на основен буџет (630) за 2021 година, од ДЗР биле констатирани следниве состојби: слабости при спроведување на процесот на буџетирање, реализација на планираните приходи и расходи од 77 проценти и не донесен ребаланс на Буџетот за 2021 година; не е воспоставена единица за внатрешна ревизија ниту меѓу општинска соработка со друга општина во делот на внатрешната ревизија; општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, а данокот на промет на недвижности и данок на наследство и подарок не се утврдуваат согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност.

Како што стои во извештајот, општината не остварува приходи по основ на комунална такса на фирма, комунална такса за користење на музика во јавните локали, комунална такса за истакнување на реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште; не е воспоставена аналитичка евиденција на побарувањата за физички и правни лица со соодветна поткрепувачка документација, не е утврден основот за нивно постоење и можноста за нивна наплата.

Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата дала препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Во делот останати прашања ревизијата ги истакнува системските слабости во законската регулатива и потребата од нивно надминување со цел комплетност и точност на остварените приходи кај општините, а кои се однесуваат и тоа: не е пропишано во кои рокови правните лица овластени за регистрација на возилата треба да ја уплатат комуналната такса за користење на патишта со моторни возила на сметка на општината; не е пропишана обврска на трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија кое врши наплата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броила да ги известува општините за бројот на обврзници по категории (број на броила) согласно тарифниот број, како и за наплатените приходи и ненаплатени побарувања по овој основ; општината нема информации за висината на средствата што треба да се уплатат во буџетот на општината по основ приходи од закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата утврдено со Законот за земјоделско земјиште; општината располага со податоци за склучените договорите за концесија за експлоатација на минералните суровини и врши увид на уплатените средства од концесиските надоместоци, но нема можност да ја потврди нивната целосност и точност.

Ревизорите од ДЗР откриваат дека одговорното лице во општина Арачиново во 2021-ва година не вратила 200 илјади денари (околу 3.300 евра) аванс добиен од општинскиот буџет за репрезентација и за угостителски услуги поради бизарна причина.

Општината пријавила кражба на фискални сметки и поради таква кражба општинскиот Совет одлучил да го отпише долгот на одговорното лице. Во првите десет месеци од 2021-ва градоначалничка на општината беше Миликије Халими, а во ноември и декември беше новоизбраниот градоначалник Ридван Ибраими.

Ревизорите не прецизираат за кој период точно се однесува авансот кој е избришан од сметката на општината поради кражба на фискални сметки. Крадецот се води како непознат сторител.

„Во текот на 2021 година извршен е отпис на побарувања по основ на дадени аванси врз основа на донесена Одлука за отпис на долг по основ на аванс земен од страна на одговорното лице во износ од 200 илјади денари од страна на Советот на Општина Арачиново, како последица од извршена кражба во просториите на општината од страна на непознат сторител, на фискални сметки за извршени угостителски услуги и репрезентација“, стои во извештајот на ДЗР за општина Арачиново.

Во текот на 2021 година, исплатени се надоместоци во износ од над 29.000 евра на сите членови на Советот на Општина Арачиново, без докази за одржани седници и присуство на сите советници.

„Општината не води евидентни листи за присуство на советниците на одржаните седници на Совет, а исплатата на надоместоците се врши без месечни списоци за исплата изготвени од страна на претседателот на Совет. Од извршениот увид во записниците за одржани седници, ревизијата констатира дека во текот на годината одржани се вкупно 4 седници, а исплатен е надоместок за 12 месеци“, извести ДЗР.

Оттаму пресметаа дека спротивно на законските одредби, за надомест на советниците повеќе се исплатени 18.000 евра. Ревизорите забележале дека состојбата се поправила, и дека „во текот на 2022 година, исплатата на надоместоците на членовите на Советот на Општина Арачиново се врши врз основа на докази за одржани седници и присуство на советниците“.

Поврзани содржини