РЕВИЈА НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ ВО КИНОТЕКА Почнува со филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски
Во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
Од вечерва, 3 септември па сѐ до 12 септември во Кинотека на Македонија ќе биде прикажана ревија на македонски филмови во чест на јубилејот 75 години од основање на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
Вечерва во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски од 2012 година. Во филмот играат: Катарина Иванова, Сашко Коцев, Раде Шербеџија, Митко Апостоловски и др.
Во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
На програмата утре се филмовите „Денес треба нешто да се случи“ (1978) и „Ругање со Христос“ (2018), а на 5 септември се „Северен пол“ (2012) и „Соба со пијано“.
На 10 септември ќе бидат прикажани филмовите „Види ја ти неа“ (2017) и „Домаќинство за почетници“ (2023), а на 12 септември документарниот филм „Вирово“ (1968) и „Сестри“ (2021).
– Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини – вели Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.