ReStart наместо ReArm

Се разбира, сето тоа има други цели, главно форсирани од европската олигархија и воено-индустрискиот комплекс, но и од оваа генерација неспособни европски политиканти на кои им е страотно потребно да го свртат вниманието на граѓаните од сопствената неспособност кон надворешна закана. А кој е подобар за тоа од – Русија?!

471

Извинете но во Европа, поправо во еу (малите букви се …), како печурки после дожд никнуваат секакви лудаци кои секојдневно ги заплашуваат граѓаните со војна, поткрепувајќи ја на тој начин налудничавата идеја на „госпожа“ Урсула за некаков ReArm од 800 милијарди евра како некаква безбедносна гаранција. Па во тоа име Франција веќе влегува во тој хорор-филм и им испраќа „Прирачник за преживување“ на нејзините граѓани, Германија држи некакви слични вежби, а на хистеријата подлегнуваат дури и вообичаено студено-скептичните нордиски земји.

Се разбира, сето тоа има други цели, главно форсирани од европската олигархија и воено-индустрискиот комплекс, но и од оваа генерација неспособни европски политиканти на кои им е страотно потребно да го свртат вниманието на граѓаните од сопствената неспособност кон надворешна закана. А кој е подобар за тоа од – Русија?!






За жал, сето ова посочува и на нешто подлабоко: на крајот на „pax europeana“ и доминацијата на интелектуализмот, сега заменети со обнова на застрашувањата на граѓаните со руската мечка, страшниот комунист Путин – пострашен дури и од Хитлер! – и слични будалаштини. А ова, патем, го вели никој друг туку германскиот (sic!) министер за одбрана Писториус, потврдувајќи ја тезата на младиот новинар Том Слејтер дека споредбите на Путин, Трамп и други со фашистите и Хитлер има сосема друга цел: релативизирање на монструозноста и крволочноста на Хитлер и фашизмот и сето она што се случуваше во Европа пред и за време на Втората светска војна!

Македонија, за среќа, никогаш не била особено воинствена земја. Дури и кога тоа било безмалку неизбежно, некој може да рече и – неопходно. Но, насилието по правило не решава ништо на долг рок. Барем не за „малите“ држави со слаба воена моќ. Меѓутоа, европската хистерија или – не дај боже – полското лудило да го инсталира американскиот нуклеарен арсенал во својата земја не смее да се преточи и во наше лудило. Таквата шизофренија би ја претворило државата во легитимна воена цел веќе во првиот бран!

Затоа агресивниот повик на „госпожа“ Урсула за ReArm ние мораме да го трансформираме во поставување на наша примарна локална цел викана – ReStart. Мораме да ја рестартираме државата не заради еу и Урсула, туку заради нас зашто ваквата „држава“ го поставува граѓанинот пред огромни проблеми: егзистенцијални, морални, патриотски … Верноста на граѓанинот кон државата стои на стаклени нозе! А сепак, тие проблеми за него се нерешливи без соработка со главниот фактор – самата држава односно власта! Која и да е и каква и да е.

Ако пак тие проблеми државата односно власта ги игнорира односно не ги решава, како што тоа го правеше бившата власт, тогаш ќе се соочи со друг, многу посериозен проблем: проблем со граѓаните во неа, чиишто димензии и можни „развојни“ правци се несогледливи.

Но, сепак, граѓанинот не е којзнае каков фактор во современите демократии. Не само кај нас туку ни во европските демократии, ако воопшто нешто, некаде, останало што се одзива на тоа име. Граѓанинот, сам, па ни со поддршка на некакви пленуми или невладини организации – а македонските одамна се прочитани! – не е фактор во тие потенцијални промени. А во таа насока како неопходност се поставуваат две опции: политичка сила или меѓународен фактор, којшто ќе застане како back up на тие и такви амбиции. Зашто, како што вели Геровски, „Протестот без јасна цел и без јасна артикулација води во хаос“. Односно, повторно ќе ни се случи уште една „Шарена револуција“ со истите или слични идиоти на нејзино чело! А такво нешто, очигледно, се заговара во нечии празни глави.

Ако привремено го исклучиме т.н. меѓународен фактор бидејќи неговата улога во едно такво рестартирање на демократијата носи други ризици, а едновремено признаеме дека целата денешна опозиција е само една неморална коруптивно-криминална банда, тогаш не останува друг фактор освен актуелната коалиција на власт. И тука, веднаш, морам да потенцирам дека немам апсолутно никаква намера да агитирам во полза на оваа власт и да спаднам на нивото на онаа „пајтон интелигенција“ од другата страна. Но, објективно, оваа власт пред себе има уште (најмалку) полни три години мандат. Којшто може да биде дуплиран, па и триплиран.

Ако пак се земат сериозно изјавите на премиерот за одлучна борба со корупцијата на сите нивои, особено со криминалното судство и неговите „пипалки“ викани судски совет и/или совет на јавни обвинители (малите букви се одраз на нивното реноме во јавноста!), а потоа и со криминалното минато во/на партиите што партиципирале во минатата власт, тогаш тоа може да биде добар почеток. И повторно – ако е искрен, демократски ориентиран, граѓански втемелен почеток. Инаку, уште еднаш, сето тоа ќе наликува на другите мртвородени почетоци!

Оттука, прво, Македонија треба да ја остави еу (малите букви се …) да се вооружува и да удира во таламбасите на војната колку што сака. Тоа не е и не треба да биде наша цел, уште помалку пак од други светски сили – но и култури! – непотребно да правиме непријатели. Како што правевме, впрочем, со протерувањето на руски дипломати без сериозна причини освен да удоволиме на еу, со забраните за културни програми поврзани со руската култура итн. Зошто? Бидејќи на тетка Урсула и излапенион Бајден така им прднало на умот? Ако веќе говориме за тој тип на стратешки грешки, тука згрешивме уште на самиот старт со неприфаќањето на идејата за Македонија како неутрална држава во воена смисла.

Меѓутоа, потенцијалниот, па и посакуван, ReStart не е сврзан само со надворешната политика или домашната корупција. Тоа треба да биде проект за целосно обновлива држава, за нов систем во којшто ќе нема место за партиски туку за општочовечки вредности, ќе бидат игнорирани пријателско-семејните врски во полза на стручните и конкурентните, ќе бидат избришани од кадровскиот список сите оние кои се некомпетентни за работата што намислиле да ја приграбат, оние кои немаат врска со материјата за којашто аплицираат, сите кои не можат да приложат соодветни референци за раководните функции на коишто се намерачиле.

И тука не може, не смее да има отстапки, без оглед дали станува збор за коалициски договор за директор во Филхармонија или нешто друго. Една отстапка го урива целиот систем!

Сите овие нормални, граѓански и демократски вредности беа целосно анулирани од претходната криминална коалиција на власт, вулгаризирани до крајни граници со некакви смешни „балансери“, премолчени меѓупартиски договори издигани на ниво на закони, етнодиктатура на само едно малцинство и целосно игнорирање на сите други (а продаваме идеја за мултиетничка држава!), мнозинство од партиско-семејни табори во државните институции итн. Таа простачка вулгаризација стаса дотаму што од раководни лица се бара) ше) познавање на само еден доминантен странски јазик, додека во истовреме премиерот го „говореше“ токму тој јазик во т.н. „индијански“ манир резилејќи ја државата низ светот.

Тој ReStart ќе треба да збрише секаква идеја дека коекакви Дамеви можат да седат во судскиот совет, или разноразни Грковски во владата како вицепремиерки за добро владеење, или економисти и лекари како оние Адеми и Исмаили во фотелјата на министри за култура (иако ни македонскиот „блок“ во минатото не понуди нешто многу поквалитетно!), петпарачки „писатели“ и „инфлуенсери“ на чело на важни државни институции, стручно полуписмени владини и премиерски советници или цела етничка армија безработници на државниот платен список … итн., итн. Или, ако сакате, ќе мора да ја збрише нашава „плиткоумна држава“ инсталирана со децении наназад со цел да го држи граѓанинот под контрола.

Поточно, ако баш сакате, оваа проклета македонска транзиција трае толку долго и не дава ама баш никаков резултат токму заради такви луѓе и провинциски партиски шефови кои ја туркаат само личната и партиската агенда поддржувајќи примитивни автократско-хибридни режими и европски неспособни политиканти.

Држава којашто не умее да препознае вредност не е држава во современата смисла на зборот. Држава којашто препознава само партиско-профитерски екипаж инсталиран во државниот систем е осудена на континуирано пропаѓање и – смрт. Ваква каква што живееме, со уште пострашен крај од кочанската трагедија. Нам сто тоа ни се случува веќе цела деценија, а раководниот „кадар“ беше неспособен тоа да го согледа. Затоа и минатата власт завршува така како што завршува. И тој отворен процес не смее да запре.

Ако ни оваа власт не умее да го препознае последниот час, и таа е/ќе биде осудена на историска пропаст, кога-тогаш. Трагедијата во Кочани е само едно од последните предупредувања!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини