РЕШИВМЕ ДА КУПИМЕ ДРОНОВИ, АМА СЀ УШТЕ НЕ ЗНАЕМЕ КАКВИ Петровска рече дека набавката ќе се случи следната година
Процесот веќе е започнат и во текот на следната година ќе започнеме формално со набавка на дронови, затоа што анализата која јас ја најавив пред неколку месеци е направена, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 говореше на повеќе теми поврзани со одбраната, вклучувајќи го и буџетирањето на одбраната и инвестициите во нова и модерна опрема за Армијата каде најави дека следната година, и формално одбраната ќе влезе во процес на набавка на дронови за потребите на Армијата на Република Македонија.
– Процесот веќе е започнат и во текот на следната година ќе започнеме формално со набавка на дронови, затоа што анализата која јас ја најавив пред неколку месеци е направена. Генералштабот на Армијата со соодветните единици ја заврши оваа анализа која што покажа каде, во кои сегменти од одбраната и генерално за државата, дроновите можат да бидат искористени. Во наредниот период остануваме да ги изработат оперативните побарувања, односно да се специфицира што точно, каков вид дронови и со кои перформанси се потребни и таа набавка треба да ја спроведеме во текот на следната година – најави министерката.
Петровска истакна дека согласно предлог буџетот за кој се завршени консултациите со Министерството за финансии, одбраната ќе располага со буџет во висина од 2 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 33 проценти ќе бидат наменети за модернизација и опремување. Високиот процент на инвестирање во нова и модерна опрема главно се должи на фактот дека долги години претходно не се инвестирало во Армијата – ниту во материјални средства, ниту во униформи, ниту во вооружување, појасни министерката.