РЕШЕТЕ ГO ПРОБЛЕМОТ СО БОМБИТЕ ЗА 15 ДЕНА ИЛИ СЛЕДУВА ПРОТЕСТ Граѓанска иницијатива му постави ултиматум на МОН
Затоа оваа власт време е да преземе одговорност, да ги седне на маса МОН, МВР и меѓународни сајбер експерти и да го реши овој проблем. Во спротивно ќе излеземе на протести и ќе ги искажеме и сите останати незадоволства, стои во писмото упатено до МОН од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.
Иницијативата „Учебници и настава мора да има“, на МОН му даде 15 дневен ултиматум да го реши прашањето со дојавите за бомби во училиштата, а во спротивно се заканија со протест, јавува ТВ21. Од иницијативата испратиле писмо до Министерството за образование и наука во кое велат дека најголемиот товар од хаосот што се создава паѓа на грбот на родителите и другите роднини.
Во барањето потпишано од Драгана Спасевска се укажува дека онлајн-наставата не функционира. Се спомнува дека 40.000 ученици не ја следеле оваа настава затоа што дома немале компјутер или интернет. Од граѓанската иницијатива се целосно против решение со онлајн-настава.
„Овој процес со дојавите на бомби не трае еден месец, туку пет месеци. Го пореметија нашето секојдневие. Премногу стресно и тешко им влијае на децата и на поширокото семејство. Кој ќе ги оправда нашите излегувања од работа? За изгубената настава на учениците? Кој ќе одговара за овие запоставени генерации?“, се вели во писомот.
„Затоа оваа власт време е да преземе одговорност, да ги седне на маса МОН, МВР и меѓународни сајбер експерти и да го реши овој проблем. Во спротивно ќе излеземе на протести и ќе ги искажеме и сите останати незадоволства“.
Иницијативата побара и училиштата да бидат обезбедуван и 24 часа.
Во меѓувреме, МВР и МОН усогласија нови процедури за проверка и евакуација на училиштата кои наскоро треба да ѝ бидат презентирани на јавноста.