Res Gestae, или: пофалба на глупоста

0

Според одредбите на стоиците, вели Еразмо Ротердамски, „мудроста не е ништо друго, туку да се раководиш од разумот; спротивно на тоа, глупоста се управува од волјата на страстите. Но, за да не биде животот на луѓето премногу тажен и страшен, Јупитер го зачинил со повеќе страст одошто со разум (…)“, а потоа на разумот „му противставил два најжестоки тирани: гневот, кој ја држи градната тврдина, и срцето, изворот на животот и копнежот, кое си ја присвојува власта во најширок опсег, дури до срамотијата“ (превод од латински Љубинка Басотова).

Како да нѐ гледал баш нас, Еразмо точно знаел што говори: кај нас врие котел од желби, страсти, глупост…, а малку разум. Сѐ заради пуста власт, позиција, моќ, алчност…! Уште кај нас владее времето на изгубени илузии, оние седум последни неповратни години 2017-2024 коишто со глупоста, криминалот и корупцијата ненадоместиво ги изедоа и претходните три децении. Гневот на улицата, за жал, во онаа 2017 година донесе само ново-стари уличари кои божем ќе се бореа со провинцијализацијата на Македонија во времето на заробената држава, но наместо тоа алчноста и неспособноста – и суетите, разбира се! – повторно нѐ заглавија во жабурнакот на длабоката балканизација наречена провинција Северна Македонија.






Секако, сите не го чувствуваа(т) тоа исто или барем на сличен начин, еден мал број кокошкари кои мислат дека се пауни одлично ја изиграа играта во своја полза, дел од македонската политичка елита – или „елита“, како сакате – ги искористи настаните за да дојде на власт и на својот аршин да ги сведе демократските аспирации на македонската пролет. Сега, откако се изрезилија, во срамотијата на Еразмо ни прераскажуваат што и како се случувало и за што се тие заслужни. Повторно според нивниот аршин!

И тоа не е ништо ново. Го сторил тоа, најпомпезно, уште Октавијан Август во неговата Res Gestae (во превод: завршени работи) – го испишал својот „животопис“ на два бронзени столба (14 година н.е.) пред неговиот мавзолеј во Рим. И починал „спокојно“, со мисла дека успеал да ги прелаже римјаните прикажувајќи се како народен трибун а не владетел, републиканец а не император, како миленик на народот… и слични будалаштини! И ниту една друга личност, особено не неговите опоненти, не е спомната поименично. Тие се неважни, нели, анонимни, или непријатели. Следствено, не случајно, многу подоцна Мусолини го употребува овој текст за да го легитимира својот империјализам. И фашизам, се разбира.

Историјата впрочем, до денес, е полна со такви срамотии што се прикажуваат како велелепни („објективни“) прикази. И никако не мислам дека тие не се полезни, напротив: тие извонредно ја отсликуваат личноста што се служи со нив. И настаните што ги опишува. И фрлаат јасна светлина за нештата: за фалбаџиството, за ароганцијата, за злоупотребата на зборот но и власта… Полни усти самофалби и прекорувања на другиот, егзалтација од своите и пцости за туѓите, а во форма на божемна критика којашто никако не може да се одвои од приземноста и провинцијализмот, денешниве оскубани пауни запнале да ни сервираат нивна „историја“ полна празноглавост и простотија.

Затоа и не верувам дека на идните проучувачи на денешницава баш сѐ ќе им биде најјасно, а истражувањето ќе им оди мазно. Не дека јас веќе сега се сомневам во нивниот иден пристап и моќ за рационално и објективно просудување туку, прво, историјата работи врз основа на документи, а тие кај нас се (најблаго речено) крајно паушални и двосмислени, и второ, а во отсуство на првото, еден важен темел на историското проучување ќе бидат токму погоре опишаните срамотии како божемни авторски извори, белешки, коментари и размисли на современите учесници во процесите.

Оттука, најмалку што оваа власт може односно мора да направи е да заборави на политикантски калкулации со знаменосците на бившиот хибриден режим и нивната клиентела, туку сукцесивно да објавува документи за злосторствата против државата во периодот 2017-2024 година.

Или мислат дека отворањето на американските архиви по наредба на Трамп беше само самољубива циркуска точка?

Ако елитните јуришници на онаа заевистичка камарила и понатаму кукурикаат, додуша зарипнато, и ги сметаат граѓаните за „збир на најбудалите“ (Еразмо) продавајќи им некаква нивна соцреалистичка современа историја, не разбирам зошто тоа некој мора да го толерира? Ако дефинитивно замолчената и распродадена македонска интелектуална јавност апсолутно потфрлува – со чесни исклучоци, се разбира – во напорите/обидите процесите да се анализираат, критички да се опсервираат и коментираат, а состојбите да се именуваат со вистинските имиња, тогаш – што? Крај македонскиот интелектуалец повторно поминуваат најважните, најсложените, најконтрадикторните процеси во државава во нејзината понова историја, а тој гледа зад некое скришно ќошенце – и молчи! Овој и ваков молк, особено кога лекции ви држат криминогени елементи вплеткани во сите, или повеќето, високодржавни скандали, не е само трагичен туку е и целосно неразбирлив, да не речам апсурден и, во крајна линија, комформистички, опортунистички, предавнички акт. Кога ви се подметнува некој „Зоки“ – сѐ уште во свежата меморија со рачето на срцето и колнењето во претците, но и сопствените деца, по ѓаволите! – како историски модел, што тогаш значи тој молк?

Дали овде станува збор за блиската историја, за сегашноста и иднината на некоја друга земја, на некои други генерации? И зарем навистина треба таквата атмосфера на јавен молк да им се послужи како на подавалник на сите оние партиски платеници, ботови и други „видови“ трутови да „морализираат“, да држат лекции, да потсетуваат на поблиското минато небаре тие тогаш не беа истото што и денес – лажлива среброљубива толпа?

И до кога водителка ќе ни биде глупоста и нејзината самобендисаност?

Кога навистина демократијата и демократичноста би се мереле само и единствено според самофалбите на таквите бедни минорни фигурички и нивните газди, ние би биле најдемократската земја во светот. Ама не сме, нели. Но за тоа секогаш е виновен другиот!?

Или, ако баш сакате, ние, закостени во најцрното минато што ни го диктира една полупросветена група неранимајковци меѓу кои ороводци се некогашни неписмени „општествено-политички работници“ и дел од тажниов наш професорски кадар, престанавме да се гледаме како дел од светот односно неговата историја и совремие. Заборавивме дека и ние а не само некои самопрогласени меѓу нас сме важен дел од една прогресивна европска историја, многу поинаква од оваа актуелна сегашност којашто некои шутраци ни ја „објаснуваат“ како таа да почнува и завршува со нив. Нѐ убиваат историски неписмен шушумиги, сељачиња со штипки на пачавиците и долари во куферчиња, чиј локален и глобален компас се сведува на нивниот џеб, чија „мисла“ има газди, уште поглупи од нив. Затоа и нѐ делат на едни кои, демек, нешто направиле, и други кои, божем, дошле на готово. А направиле – што? Ова денес и ова тука? Оваа соцреалистичка фарса ли е тоа наследство на славната тројка за идните генерации, или за лошите делови се виновни другите а тие само за добрите? Ама – кои добри?

И тоа е онаа иста провинциско-пазарџиска „логика“ како и на денешниве ситни трговци на кои им пречи законот против пушењето зашто ќе морале да потрошат големи финансиски средства за нови шкафови и витрини! Ние на таквите не им должиме ништо, но должиме многу на оние пред нас кои гинеле за подобар свет и овде. Упорно сакаме да заборавиме дека нашево „денес и овде“ е условено од друго минато и обврзано кон иднината на сите а не само на неколцина повластени: на државата, на нацијата, не на заталкани профитери и нивните прислужници кои ја држеа политиката во подруми и смрдливи кабинети, во куферчиња и најлон-кеси…

Поврзани содржини