РЕПУБЛИКАНЦИТЕ И ДЕМОКРАТИТЕ „СЕ ГАЃААТ“ СО МЕЈЛОВИТЕ НА ПЕДОФИЛОТ ЕПШТАЈН Дали претседателот Трамп ќе дозволи да се објават сите документи?

Републиканците ги обвинија демократите за селективно објавување на документите, со цел да создадат лажна слика за претседателот Доналд Трамп, па возвратија со објавување на свој сет од 20.000 документи за Епштајн.

285

Повеќе од 20.000 документи поврзани со осудениот сексуален престапник и педофил Џефри Епштајн се објавени во САД. Сè почна кога демократите од Комитетот за надзор на Претставничкиот дом објавија електронска пошта меѓу Епштајн и неговите соработници, во кои се споменува и американскиот претседател Доналд Трамп, а во некои од нив, педофилот Епштајн го нарекува американскиот претседател најлошата личност што некогаш ја сретнал.

Републиканците ги обвинија за селективно објавување, со цел да создадат лажна слика за претседателот Трамп, па возвратија со објавување на свој сет од 20.000 документи за Епштајн.






Ситуацијата се вжештува пред гласањето во Претставничкиот дом следната недела за предлог-законот со кој ќе се принуди Министерството за правда да ги објави сите декласифицирани досиеја за злосторникот Епштајн, кој се самоуби во затвор во 2019 година, додека чекаше судење за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација.

Пред неколку дена демократите првично обавија дел од електронската пошта на Епштајн, што повторно ги разгоре долгогодишните прашања во САД за минатото на Трамп со Епштајн и дали Трамо знаел дека Епштајн злоупотребувал малолетници.

Во порака од 2019 година до Мајкл Волф, Епштајн напишал дека Трамп „знаел за девојките“. Напишал и дека Трамп е неверојатно злобен, луд и манијак, кој покажува знаци на рана деменција.

Од друга страна, во е-поштата објавена од републиканците, Епштајн наведува дека Трамп „дошол во неговата куќа многу пати, но никогаш не добил масажа“.

Бројни пораки го откриваат сè понегативниот став на Епштајн кон Трамп со текот на годините.

„Сретнав некои многу лоши луѓе. Никој толку лош како Трамп. Нема ниту една пристојна клетка во неговото тело“, напишал злосторникот во мејл во 2017 година. Во порака од 2011 година, пак, упатена до неговата девојка Гислен Максвел, која лежи затвор за учество во мрежата за злоупотреба на Епштајн, тој го нарече Трамп „куче што не лае“, со тврдење дека Трамп „поминал часови во неговата куќа“ со жртвата чие име е редактирано, односно покриено.

Портпаролката на Белата куќа Керолин Левит рече дека објавените е-пораки не докажуваат „апсолутно ништо друго освен фактот дека претседателот Трамп не направил ништо лошо“.

Завчера Трамп ги обвини демократите дека со мејловите на Епштајн се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од рекордното 43-дневно затворање на владата.

„Демократите се обидуваат повторно да го започнат лажното прашање за Џефри Епштајн затоа што ќе направат сè за да го одвлечат вниманието од тоа колку лошо се справија со затворањето на владата и со многу други проблеми“, напиша тој на социјалната мрежа Трут соушл.

Портпаролката Ливит ги обвини демократите дека го покриваат името на жртвата во објавените е-пораки затоа што се работи за Вирџинија Џуфре, која изврши самоубиство во април, а во нејзините посмртно објавени мемоари Трамп е претставен како пријателски настроен, без да го обвини за какво било кривично дело.

Трамп постојано и жестоко негира дека знаел дека Епшјатн врши трговија со луѓе и тврди дека тој и Епштајн биле пријатели пред да се скараат.

Гласањето во Конгресот следната недела би можело да одреди колку од владиниот материјал за Епштајн ќе стане јавен. Законот, познат како „Закон за транспарентност на евиденцијата на Епштајн“, ќе бара од Министерството за правда да ги објави сите декласифицирани евиденции, истражни материјали и преписки поврзани со Епштајн.

Гласањето беше овозможено откако демократската претставничка Аделита Гријалва положи заклетва, со што се обезбеди потребното мнозинство за гласањето, на што Трамп и некои републикански лидери се спротивставија.

Според извештаите на медиумите, Трамп и високи функционери извршиле притисок врз републиканците Лорен Боберт и Ненси Мејс да ја повлечат својата поддршка и да го спречат гласањето.

Но, дури и ако предлогот помине во Претставничкиот дом, ќе му треба поддршка од Сенатот и, на крајот, потпис од претседателот Трамп, за да стапи на сила.

„НЕ МОЖАМ ПОВЕЌЕ ДА ГО ПОДНЕСАМ ОВА“ Протекоа пораки меѓу поранешниот принц Ендру и сексуалниот престапник Епштајн

Поврзани содржини