Репресијата против Камчев продолжува, Судот не го прифати предлогот на Обвинителството за домашен притвор
Вишото јавно обвинителство пред два дена ја прифатило гаранцијата која г-н Јордан Камчев ја понудил како замена на затворскиот, со поблага мерка, домашен притвор, оценувајќи дека понудените гаранции се доволна потврда и обезбедување за замена на мерката.
Кривичниот суд во Скопје определил нови 30 дена ефективен притвор за обвинетиот Јордан Камчев, откако пред два дена Апелацискиот суд ја отфрлил жалбата на одбраната на Камчев на претходната одлука за притвор.
Ова се случило наспроти понудената гаранција од обвинетиот од речиси 5 милиони евра, но и наспроти ставот на Обвинителството, кое сега смета дека мерката ефективен притвор за Камчев треба да се замени со домашен притвор.
„Вишото јавно обвинителство пред два дена ја прифати гаранцијата која г-н Јордан Камчев ја понуди како замена на затворскиот, со поблага мерка, домашен притвор, оценувајќи дека понудените гаранции се доволна потврда и обезбедување за замена на мерката. Покрај тоа, Вишото јавно обвинителство го зема предвид и фактот дека се работи за бизнисмен кој има повеќе од 2.500 вработени и кој пред издржување на мерката притвор секогаш уредно соработувал со сите органи на прогонот и со судот“, соопшти одбраната на Камчев.
Предвид е земено и дека по четири месеци ефективен притвор, г-н Камчев е со видливо влошена здравствена состојба и истата продолжува да се влошува, бидејќи во КПУ Затвор Скопје не постојат соодветни медицински и санитарни услови за третирање на конкретната здравствена состојба, вели одбраната и објаснува:
„Пред само неколку денови, г-н Камчев пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје. Г-н Камчев има фамилијарен историјат на кардиоваскуларни заболувања, самиот тој за истата здравствена проблематика практикува терапија од својата 15-годишна возраст. По неговото последно влошување на состојбата додека ја издржува мерката притвор и неговата хоспитализација на Клиниката за кардиологија, со оглед на ситуацијата, постои голема загриженост за сериозен ризик по неговото здравје“.
Јавното обвинителство е овластен предлагач за определување на мерки за обезбедување и според досегашната судска пракса на кривични постапки судот секогаш ги засновувал своите одлуки за определување на мерки за обезбедување на присуство во рамките на предлозите поднесени од јавното обвинителство. Во ситуација кога подносителот на обвинението, односно јавното обвинителство кое ја отпочнало самата кривична постапка и истата ја довело до судска постапка, смета дека повеќе не постојат причини и потреба да му бидат строго ограничени слободите и правата на обвинетиот, судот не би смеел да ја оценува волјата и ставот на јавното обвинителство и да одлучи единствено на штета на обвинетиот, велат од одбраната на Камчев и заклучуваат:
„Оттука, целосно небулозно е ваквото постапување на судот кое не содејствува со законски определената улога на судот во кривичната постапка, па поради тоа, се отвора и прашањето за независност и непристрасност на судот во случајот со г-н Камчев. Според сите овие факти и сето она кое ние како одбрана и јавноста го следиме и сведочиме повеќе од четири месеци за овој случај можеме јасно да заклучиме дека се работи за веќе видливо неоснована репресија врз г-н Камчев, личен анимозитет кон него, како и класична тортура која веќе секако беше потврдена и од Народниот правобранител“.
Бранители на Јордан Камчев во случајот „Плацови на Водно” се адвокатските канцеларии Савиќ, Гоце Ристески, Наумов, Менкиновски и партнери и Еленко Миланов.
Првото рочиште е закажано за 16 јули.