Реновирана дневната болница на Клиниката за хематологија (ФОТО)

229

ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија информира дека деновиве целосно ја заврши и последната фаза од процесот на обновување на клиниката, со што и одделот на Дневната болница доби комплетно нов изглед.

Станува збор за одделот каде што се спроведува дијагностика, терапија и долгогодишна контрола на пациентите со разни хематолошки, малигни и немалигни сериозни заболувања.






Покрај реновирањето, Дневната болница на Клиниката за хематологија го осовремени третманот на пациентите, обезбедувајќи и нови апарати, како и опрема кои ќе им овозможат на пациентите здравствена нега на значително повисоко ниво.

Од особена важност за пациентите, како и за персоналот кој ги опслужува, е и целосното почитување на највисоки стандарди воспоставени заради заштита од ковид-19 на клиниката. За таа цел се обезбедени и најсовремени апарати за стерилизација на воздухот. И во време на рестрикции поради пандемијата со ковид-19, во дневната болница непречено се пружаа медицински услуги во две смени. Строго беа запазени сите препораки и услови, за сите пациенти да се чувствуваат безбедно и сигурно при посета на Клиниката. За периодот до 31.07.2020 забележан е пораст од 5%  во однос на 2019 година и во тој период вкупно се реализирани 9.310 болнички денови. Вкупниот број на реализирани болнички денови во 2019 изнесува 21.344.

– Нашата цел е да овозможиме најсовремени здравствени услуги и врвен медицински третман, кои ќе бидат достапни за сите граѓани , во услови кои ќе гарантираат безбедност и удобност. Оваа инвестиција ќе овозможи нашата врвна експертиза и терапија да се одвива во најсовремени просторни услови, со што се залагаме за подигање на угледот и довербата не само во капацитетот на Клиниката за хематологија туку и во јавното здравство воопшто – изјави директорката на Клиниката д-р Ирина Пановска Ставридис.

Со обновената Дневна болница е комплетиран процесот на целосно реновирање на Клиниката.

 

Поврзани содржини