РЕНЏ РОВЕР ЗАВРШИ ВО ЕНДЕК ПО БРКОТНИЦА СО ПОЛИЦИЈАТА Филмска акција во Скопје, се слушале и пукотници
Возилото заврши во ендек кај Идризово, а според очевидци се слушнале и пукотници, МВР најавува детали утре.
Филмска бркотница се случувала вечерва низ Скопје и завршила на патот кон населеното место Идризово, каде што полициските службеници успеале да го сопрат возилото ренџ ровер, кое претходно избегало од неколку обиди за запирање.
Според првичните и неофицијални информации, за време на бркотницата се слушнале и пукотници, но засега не е познато кој употребил огнено оружје.
На видеоснимки што кружат на социјалните мрежи се гледа блокиран стариот пат кон Велес кај Идризово, каде што полициски екипи се распоредени на терен, а возилото ренџ ровер завршило во ендек покрај патот.
Од Министерството за внатрешни работи засега не откриваат повеќе детали за случајот.
– Станува збор за тековни активности на полицијата за обезбедување на лица кои го прекршиле законот – велат од МВР за Плусинфо.
Од полицијата додаваат дека во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени повеќе информации во врска со инцидентот кој вечерва предизвика големо внимание во јавноста.