Рекордни заболени во САД и во Франција, протести во Полска против мерките
Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи изрази загриженост за зголемувањето на бројот на новозаразени и ги повика граѓаните да ги зголемат мерките на претпазливост.
Рекорден број од повеќе од 80.000 нови случаи на коронавирус се регистрирани во САД во последните 24 часа.
Универзитетот „Џон Хопкинс“ соопшти дека се потврдени 80.005 нови случаи во најзагрозената земја во светот.
Претходниот рекорд беше на 16 јули, кога за еден ден беа потврдени 77.362 нови случаи.
Црниот биланс доаѓа во време кога расте бројот на хоспитализирани и смртни случаи, а експертите предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа, пренесува Си-Ен-Ен.
Во болниците низ САД има повеќе од 41.000 пациенти, што е најголем број од 20 август досега.
Од почетокот на октомври, бројот на хоспитализации е зголемен за 33 проценти.
Бројот на смртни случаи исто така расте, така што универзитетот „Џон Хопкинс“ пријавил 856 смртни случаи во изминатиот ден.
Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи изрази загриженост за зголемувањето на бројот на новозаразени и ги повика граѓаните да ги зголемат мерките на претпазливост.
Иако претходно изјави дека не смета дека носењето маски ќе успее, тој рече дека можеби е време сега, иако ќе биде тешко, да се спроведе мерката.
Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, од почетокот на епидемијата во САД биле заразени вкупно 8.491.459 лица, од кои 223.975 починале.
Во Франција 2.441 луѓе на интензивна нега
Во последните 24 часа во Франција починаа 298 лица од ковид-19, а притоа се откриени нови рекордни 42.032 случаи на заразени, јави дописникот на МИА од Париз.
Епидемијата на коронавирус синоќа во Франција го надмина прагот од еден милион случаи откриени од крајот на јануари 2020 година. Оттогаш, според податоците на Министерството за здравство, издадени се 1.041.075 позитивни тестови.
Во моментов се хоспитализирани 15.008 лица, од кои 2.441 на интензивна нега.
Од ноќеска на полноќ, полицискиот час ќе се прошири на додатни 38 департмани и Полинезија.
Генералниот директор на Париските болници (АП-ХП), Мартин Хирш смета дека е „можно“ „вториот бран“ во Франција „да биде полош од првиот“, нагласувајќи дека ситуацијата е „застрашувачка за секој од нас“. Осврнувајќи се на просечно 30.000 случаи на ден, Хирш тврди дека „реалноста е многу поголема, тоа се оние што ги откриваме“.
Според неговата проценка, „има многу позитивни, контаминирани луѓе кои се на улица без да го знаат тоа и без никој да го знае тоа, веројатно три пати повеќе“ од овие 30.000 случаи.
– Ноември ќе биде тежок месец. Следните недели ќе бидат тешки, а бројот на жртвите ќе продолжи да расте. Денешните нови случаи се утре болнички пациенти – предупреди премиерот Жан Кастекс.
Протести во Полска против мерките
Десетици илјади луѓе синоќа се собраа на улиците во Полска да протестираат против строгите мерки наметнати поради пандемијата на коронавирусот.
Протестите се случија еден ден по демонстрациите околу одлуката на Уставниот суд за речиси целосна забрана за абортус.
Во Полска стапија на сила нови ограничувања за борба против пандемијата, вклучително и затворање ресторани и кафулиња за две недели, откако вчера беа потврдени повеќе од 13.600 нови случаи на ковид-19, најмногу во денот од почетокот на пандемијата.
Демонстрантите се собраа пред куќата на Јарослав Качински, претседател на владејачката партија Право и правда.
Втора ноќ по ред, кордон полиција стоеше пред куќата на Качински, блокирајќи го минувањето на демонстрантите, од кои беше побарано да се растераат и да се придржуваат до ограничувањата воведени за јавни собири.
Полските медиуми проценуваат дека на протестите во Варшава имало околу 15.000 демонстранти, и покрај мерките за забрана на јавни собири на повеќе од десет лица, а оваа бројка од денеска ќе се намали на пет.
Демонстранти се собраа и во Познан, Вроцлав и Краков, а протести се најавени и за понеделник.
Вчерашните демонстрации во Варшава беа главно мирни, за разлика од оние што се одржаа во четвртокот, кога некои демонстранти фрлаа камења, а полицијата употреби бибер спреј.