РЕКОРДНИ ЦЕНИ И ИЗНЕНАДУВАЧКА ИСПЛАТА НА СУБВЕНЦИИТЕ Мицкоски тврди дека опозицијата се служи со лаги и манипулира
Според премиерот, и кај раноградинарските култури, зелка, домати, краставица, лук, кромид, пипер, се забележува рекордна откупна цена.
Фактите покажуваат каква е состојбата во земјоделството. Опозицијата се обидува да напаѓа и да манипулира со изнесување лаги и конструкции, но граѓаните да бидат спокојни, зашто Владата мисли на се, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Исплатата на субвенциите е навистина за мене изненадувачки позитивна, веќе минатата недела се исплатија околу 400 милиони денари за околу 7 000 земјоделци. Ќе продолжиме на тој начин да ја придвижуваме економијата. Ги следам пораките од опозицијата која се обидува со конструкции и лаги да напаѓа, но фактите се сосема поинакви. Кога оваа Влада беше избрана, пред нецели 14 месеци, во „Национални шуми“ и АД „Водостопанство“ повеќе од три месеци не беа исплатени плати, а сега се и денес редовно се исплаќаат. Имавме и неисплатени субвенции од 2021 година, а сега се завршува со оние за 2024 и почнува реализацијата за 2025 година. Кај тутунот договорите кои беа на 375 денари за килограм и 80 денари субвенција, сега се зголемија на 400 денари и 100 денари субвенција со што се постигнаа рекордни 500 денари за килограм, а реколтата порасна од 18 милиони килограми на 23 зашто донесовме Закон во кој кажавме додека и последниот лист не биде откупен, нема да се увезува – истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Петровец.
Според премиерот, и кај раноградинарските култури, зелка, домати, краставица, лук, кромид, пипер, се забележува рекордна откупна цена.
-Зошто е тоа така, зашто Владата не се договара со откупувачите за цената да ја депресира и потоа некој да профитира. Секаде се бележат рекордни цени, и кај мелничарите, и кај производителите на пченица. Опозицијата се обидуваше да манипулира и кај грозјето, а таму имаме рекордни цени и род 25% повеќе зашто работеа системите за наводнување навреме. Ако лани достигнавме 70 – 75 милиони килограми, сега родот ќе биде 100 милиони. Ова се факти, а тоа што го зборува опозицијата е обид да се конструира нешто, обид за политиканство. Опозицијата има своја агенда, а ние треба да работиме во интерес на граѓаните. Мислат ќе добијат некој политички поен, но граѓаните да бидат спокојни, имаат Влада што мисли на се – подвлече Мицкоски.