РЕКОРДЕН СТАРТ НА ГОДИНАТА ЗА АЛКАЛОИД Продажби од 5,2 милијарди денари, извоз од 57 милиони евра и нови инвестиции

Најголем раст на странските пазари е забележан во Јужна Африка (зголемување 3,8 пати), Холандија (3,7 пати), Португалија (2,3 пати) и Австрија (удвојување на продажбите). Раст е регистриран и во Грција (40 %), Финска (39 %), Ерменија (29 %), Украина (13 %), Босна и Херцеговина (12 %), Саудиска Арабија (10 %), Словенија (9 %), Србија (6 %) и Хрватска (5 %).

544

Алкалоид АД Скопје објави раст на консолидираните продажби од 6 %, извоз од 57,4 милиони евра и инвестиции во основни средства во висина од 4,2 милиони евра во периодот јануари – март 2025 година.

Според единечниот биланс на успех, во првите три месеци од 2025 година продажбите достигнаа 3.458.394.494 денари, што претставува зголемување од 1 % во споредба со истиот период минатата година. Вкупните консолидирани продажби изнесуваат 5.201.163.839 денари, што е за 6 % повеќе споредено со истиот период лани.






„Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 24 % во однос на првите три месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, активно учествуваме во обезбедување на најсовремени терапии за ретки и специфични болести, со што значајно го поддржуваме здравствениот систем во земјава“, соопштуваат од Алкалоид.

Од вкупните консолидирани продажби, 32 % се остварени на домашниот пазар, додека 68 % се реализирани на странските пазари. По региони, 25 % од продажбите се остварени во земјите од Југоисточна Европа, 23 % во Источна Европа (ЗНД, Украина…), 19 % во Западна Европа (ЕУ и ЕФТА), додека 1 % на останатите пазари. Извозот во првиот квартал е во согласност со предвидената динамика и бележи раст од 8 % во однос на планот, а од компанијата додаваат: „Во наредниот период очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните резултати.“

Најголем раст на странските пазари е забележан во Јужна Африка (зголемување 3,8 пати), Холандија (3,7 пати), Португалија (2,3 пати) и Австрија (удвојување на продажбите). Раст е регистриран и во Грција (40 %), Финска (39 %), Ерменија (29 %), Украина (13 %), Босна и Херцеговина (12 %), Саудиска Арабија (10 %), Словенија (9 %), Србија (6 %) и Хрватска (5 %).

Во структурата на вкупните консолидирани продажби, 92 % ги сочинуваат производите од фармацевтскиот сегмент. Најголем удел во овој сегмент имаат антибиотиците (29 %), препаратите ОТЦ (16 %), кардиолошките препарати (12 %) и невролошките препарати (12 %). Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 8 %, од кои хемија со 2 %, козметика со 5 %, а билкарство со 1 %.

„Фармацевтскиот сегмент бележи раст од 7 %, додека сегментот хемија, козметика и билкарство забележува намалување, што во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на нашето портфолио во Македонија и Црна Гора“, истакнуваат од Алкалоид.

Инвестициите во основни средства за првите три месеци од 2025 година изнесуваат 256.658 илјади денари.

Резултатите од работењето покажуваат дека единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) достигнала 744.810.347 денари, што е раст од околу 12 %. Единечната нето-добивка изнесува 407.432.285 денари, со раст од 4 %. Консолидираната ЕБИТДА достигна 928.314.407 денари (раст од 8 %), а консолидираната нето-добивка 491.703.111 денари (раст од 3 %).

„Преку извршувањето на нашите оперативни активности, АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи“, информираат од компанијата.

Во однос на вработувањата, во периодот јануари – март 2025 година во Алкалоид се реализирани 13 нови вработувања во Македонија. Со одлука на Управниот одбор, во март 2025 година е исплатен регрес за користење годишен одмор во висина од 44.500 денари нето-износ за сите вработени. Групацијата Алкалоид брои вкупно 3.046 вработени, од кои 2.288 во Македонија и 758 во поврзаните друштва во странство.

Акциите на Алкалоид АД Скопје, кои котираат на официјалниот пазар на Македонската берза од 2002 година, важат за едни од најтргуваните и најликвидните. Во првите три месеци од 2025 година, цената на акцијата се движела меѓу 26.800 и 31.099 денари, со просек од 28.966,38 денари за акција. На 31 март 2025 година, акциите беа во сопственост на 6.188 акционери, а пазарната капитализација изнесуваше 39,4 милијарди денари.

На Годишното собрание на акционерите одржано на 1 април 2025 година, беше одобрена исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Исплатата ќе започне во мај 2025 година, а дивидендата ќе изнесува 630 денари бруто (567 денари нето) по акција, што претставува раст од 16,67 % во однос на минатогодишната исплата.

Бизнис-планот за 2025 година, усвоен на 27 декември 2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства, како и раст на консолидираните продажби за 8 % и раст на консолидираниот профит пред оданочување за 7 % во однос на резултатите од 2024 година.

„Бизнис-планот за 2025 година е изготвен врз основа на нашите очекувања, проекции и можности на тековните и новите пазари и производи. Сепак, околностите и настаните во 2025 година може да влијаат врз реализацијата на поставените цели“, информираат од Алкалоид.

Поврзани содржини