РЕКОРДЕН БРОЈ УБИСТВА НА АКТИВИСТИ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА Лани убиени 227 лица ширум светот

Рекорден број активисти кои работеле на заштита на животната средина и правата за земјиште биле убиени минатата година, според извештајот на Глобал Витсенс.

139

Минатата година биле убиени 227 активисти за животна средина ширум светот, што е најголем број што е регистриран втора година по ред, се вели во извештајот на Глобал Витсенс, пренесува Би-Би-Си.

Речиси една третина од убиствата биле поврзани со експлоатација на ресурси, сеча, рударство, агробизнис од големи размери, хидроелектрични брани и друга инфраструктура.






Извештајот ги нарекува жртвите „бранители на животната средина“ кои се убиени поради заштита на природните ресурси што треба да се зачуваат, вклучувајќи шуми, резерви на вода и океани.

Откако е потпишан Парискиот договор за климатските промени во 2015 година, организацијата вели дека просечно секоја недела се убивани по четвворица активисти и велат дека оваа шокантна бројка најверојатно ќе биде потценета поради зголемените ограничувања на новинарите и другите граѓански слободи.

Поради сеча се поврзани најголем број убиства, со дури 23 случаи, а нападите се случиле во Бразил, Никарагва, Перу и на Филипините.

Домородците се најчесто на првата линија кога станува збор за климатските промени. Во Колумбија се регистрирани најголем број напади, односно минатата година биле убиени 65 лица.

Активистот Крис Маден преку Глобал Витнес ги повика владите да започнат сериозно да се грижат за заштитата на бранителите. Тој вели дека компаниите мора да започнат да ги ставаат луѓето и планетата пред профит и предупреди дека и распаѓањето на климата и убиствата ќе продолжат.

– Оваа база на податоци е уште еден силен потсетник дека борбата против климатската криза носи неподносливо тежок товар за некои, кои ги ризикуваат своите животи за да ги спасат шумите, реките и биосферите, кои се од суштинско значење, за да се спротивстават на неодржливото глобално затоплување. Ова мора да престане – вели тој.

Меѓу убиените е и Јужноафриканката Фикиле Нтшангасе (65), која била вклучена во правен спор поради рудник што го управува Тенделе Коал во близина на Сомхеле во провинцијата Квазулу-Натал. Таа е пронајдена застрелана во сопствената дневна соба. Нејзината ќерка Малунгело Хаказа (31) вели дека „борбата на нејзината мајка живее“.

– До денес никој не е уапсен во истрагата за убиството на мајка ми. Нема одговорност. Ми се чини дека некој сака ова проширување на рудникот и екстракцијата да продолжат, без оглед на цената – додава таа.

Петмин Лимитед, кој го поседува рудникот за Глобал Витнес изјави дека признава дека тензиите во заедницата можеби биле фактор за смртта на Фикиле. Компанијата, исто така, вели дека најостро го осудува секој облик на насилство или заплашување и понуди целосна соработка со полицијата.

Убиствата го вклучија и Аскар Ејрауд Адамс, кој е убиен во Мексико во септември 2020 година. Тој ѝ помагал на домородната заедница Кумиаи во Долна Калифорнија за да има подобар пристап до вода.

Глобал Витнес пренесува дека активистите кои сè уште се под закана, вклучуваат заедници во Гуапинол, каде десетици луѓе протестирале против концесијата за ископ на железен оксид, која била доделена од централната влада во заштитеното подрачје. Активистите веруваат дека е загрозена реката Гуапинол, која е витален извор на вода.

Поврзани содржини