Завршија реставраторските и конзерваторски работи на главниот конак во манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези, Општина Карпош.
– Општина Карпош целосно ја обнови столаријата и внатрешно го уреди конакот. Заврши реконструкцијата на подот, на тоалетите, а се направи и замена на прозорите. Исто така, поставен е и нов систем за противпожарна заштита и електрична инсталација – соопштија од општинската прес-служба.
На овој начин, посочуваат од општината, целосно се врати во функција главниот конак на овој манастирски комплекс.
– Уште поважно е што истиот има автентичен и уникатен изглед, во духот на манастирската целина, имајќи го предвид фактот дека црквата „Свети Пантелејмон“ е дел од нашето културно наследство која датира уште од дванаесетиот век – потенцираат од Општина Карпош.
„Свети Пантелејмон“ е дел од националната туристичка мапа и со овој проект се придонесува кон негово заживување, со што станува уште поатрактивен за домашните и странски туристи.