РЕК БИТОЛА ВЕЛИ ДЕКА СЀ Е ПОД КОНТРОЛА Комбинатот уверува дека теренот е исчистен, воздухот не е загаден и дека се работи на трајно решение

Со задоволство информираме дека денеска, на одлагалиштето кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ниеден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја, велат од РЕК Битола.

126

РЕК Битола активно работи на решавање на проблемот со одлагањето на пепелта и уверува дека квалитетот на воздухот не е нарушен, соопшти РЕК Битола.

„Во врска со неодамнешните реакции во јавноста во врска со наводите за несоодветно одлагање на пепелта во РЕК Битола, АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола, сака да ја информира јавноста за преземените мерки и континуираните напори за еколошки одговорно работење. Иако присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава во изминатите децении поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку 3,7 километарска лента, РЕК Битола активно работи на нејзино минимизирање. Пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и со засипување со земја. Сепак, високите температури и ветрот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување на прашина при нејзиното спуштање во касетата“, велат од комбинатот.






Надлежните институции веќе извршиле увид на терен. Инспекцискиот надзор потврдил отстапување од стандардите, но санкции не се изречени, што според РЕК Битола е доказ за признавање на напорите за надминување на состојбата.

„На 26 март 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК Битола. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини пепел кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект, за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрече санкции, што укажува на препознавање на напорите на комбинатот за решавање на ова прашање“, се посочува во соопштението.

Од комбинатот велат дека денеска теренот е целосно исчистен и посипан со земја.

„Со задоволство информираме дека денеска, на одлагалиштето кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ниеден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја“, велат од РЕК Битола.

Најавено е долгорочно решение кое треба да овозможи поефикасно и посигурно одлагање на пепелта.

„Во насока на долгорочно решение, веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета. Водените топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата. Дотогаш, попрскувањето на одложената пепел се врши континуирано со специјални средства и со цистерна“, се посочува во соопштението.

Дополнително, резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух покажуваат дека нема надминување на дозволените вредности на честички ПМ10, велат од комбинатот.

„Дополнително, ги споделуваме резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух, спроведени од страна на акредитираната лабораторија ‘Технолаб’ Скопје. Согласно добиените податоци, констатирано е дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички ЦЧ10 (PM10), согласно Уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух (Сл. весник на Р.М. бр.50/2005 и 183/2017)“, се наведува во соопштението.

Од РЕК Битола уверуваат дека ќе продолжат со транспарентно информирање на јавноста и со работа според еколошките стандарди.

„Актуелното раководство на РЕК Битола е целосно посветено на справување со долгогодишните проблеми и на обезбедување одржливо работење на комбинатот според највисоките еколошки стандарди. Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите наши активности во оваа насока“, додаваат од комбинатот.

ОЈО ИНТЕРВЕНИРА ПО РЕАКЦИИ НА ГРАЃАНИТЕ Инспекција во РЕК Битола откри отстапувања при одлагање на опасна пепел

Поврзани содржини