РЕК БИТОЛА ПОДГОТВУВА НАБАВКА ОД ПОВЕЌЕ ОД 146 МИЛИОНИ ЕВРА! Еден тендер е стокмен за конзул на земја под санкции, обвинува ВМРО-ДПМНЕ

Европскиот фронт постои само на хартија, а во реалноста оваа власт дава милиони на бизнисмени поврзани со Русија и нивни сателити рече Стевче Антовски.

294

Власта во заминување на СДСМ и на ДУИ непосредно пред избори подготвува два тендери во РЕК Битола вредни 9 милијарди денари (146,4 милиони евра) – обвини Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаме сериозни сомнежи дека еден од двата тендери веќе е договорен од врвот на власта, а како фирма која треба да го добие е компанија која се поврзува со конзул на држава која е под санкции на ЕУ, кој изминативе години свртел неколку стотици милиони евра тендери во РЕК Битола – рече Антовски.






Тој обвини дека изминативе 7 години РЕК Битола е „непресушен” рудник за богатење на олигарсите на СДСМ и ДУИ.

– Во изминативе години ЕСМ потроши стотици милиони евра на тендери за ископ на јаглен и ангажирање помошна механизација во четири очи. И покрај тоа што СДСМ дојде на власт со ветување дека ЕСМ ќе набави сопствена механизација за да се намалат трошоците за ангажман на надворешни компании, тоа не се реализира. Од овие мултимилионски јавни набавки на ЕСМ во изминатиов период најголеми придобивки имаат неколку компании, најчесто на тајкуните од земјите блиски до Русија и блиски до фамилијата на екс-премиерот.

СДСМ и ДУИ на мала врата, незаконски и на сила сакаат да спроведат тендер за набавка и увоз на јаглен од 6 милијарди денари, со кој ќе доделат тендер за ископ на јаглен и јаловина на омилената фирма на еден конзул на земја под санкции на ЕУ – рече Антовски.

Тој додаде дека Европскиот фронт постои само на хартија, а во реалноста оваа власт дава милиони на бизнисмени поврзани со Русија и нивни сателити.

– Остануваат уште неполни три месеци до ослободувањето од оваа ненародна и клептоманска власт. После тоа, откако земјата ќе се ослободи од стегите на овие криминалци, а судството и обвинителството ќе се стават во расчистување на сите криминалии, сите инволвирани во овие кражби ќе одговараат – рече Антовски.

 

Поврзани содржини