РЕК-БИТОЛА ИМА ЈАГЛЕН САМО ЗА УШТЕ ДВА ДЕНА? Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека можно е да снема струја
Без РЕК-Битола, хидроакумулациите и другите капацитети на ЕЛЕМ не се доволни за да ги задоволат потребите за струја на земјата. Државата неработата на РЕК ќе ја плати прескапо. Дури и со санирање на оштетувањата, РЕК има проблеми, на депонијата, како што официјално кажаа од власта има само 40.000 тони јаглен, тоа е гориво потребно само за 2-3 дена и тоа без комплетна работа на сите три блока, рече Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
Никогаш во историјата на РЕК-Битола рударско енергетскиот комбинат не бил надвор од функција среде грејна сезона. РЕК-Битола е р’бетот на енергетскиот систем на земјата и гарант дека државата нема да остане без струја. Овој капацитет поради неспособноста на владата од утрово е надвор од функција, реагираше денеска Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Откако пред неколку дена се запали трансформатор на Блок 3, утрово има проблеми и со Блок 1. РЕК за првпат по многу години не произведува струја и тоа не е непланирано, туку од неспособност во сред енергетска криза, кога цените на струјата на светските берзи рушат рекорди. Без РЕК-Битола, хидроакумулациите и другите капацитети на ЕЛЕМ не се доволни за да ги задоволат потребите за струја на земјата. Државата неработата на РЕК ќе ја плати прескапо. Дури и со санирање на оштетувањата, РЕК има проблеми, на депонијата, како што официјално кажаа од власта има само 40.000 тони јаглен, тоа е гориво потребно само за 2-3 дена и тоа без комплетна работа на сите три блока. При промена на власта во 2017 година оставивме откривка и јаглен спремен за ископ од околу 5.5 милиони тони што е еднакво на потребна количина за полн капацитет за следните 10 месеци. Оставивме 25 милиони евра депозити, 8 милиони евра на сметки, нула доспеани обврски, ремонтирани блокови, полни акумулации и огромни завршени инвестиции во хидро и термо опремата – рече Кочоска.
Секој почеток на грејната сезона бил пропратен со најмалку 200.000 тони јаглен на депонија, додаде таа.
– Со промена на власта започна пропаста на електоенергетскиот систем во Македонија, пропаста на гигантот ЕЛЕМ и МЕПСО. Енергетските претпријатија се користеа за испумпување на пари преку тендери, за набавка на несуштински работи, а не се инвестираше во нови машини, нова механизација, во ископ на јаглен и во пронаоѓање на нови наоѓалишта. Наспроти инвестиции, сите започнати проекти ги запреа. Откриениот јаглен го потрошија, а нова откривка не направија. Машините во рудниците тонат во вода. Водата од акумулациите ја истрошија сосема непланирано. Санација на електростатските филтри, како и десулфуризација не направија, нова помошна механизација во текот на 4 години не набавија, но затоа цутеше бизнисот за приватни ангажирања на компании кои се возеа низ РЕК-Битола. Резултат е рекордното намалување на годишното производство на електрична енергија, намалување на приходите и зголемување на трошоците. Сето ова нè доведе до состојбата која ја имаме денес – рече Кочоска.
Таа истакна дека на светските берзи има струја, но тоа значи дека можеш да купиш струја, но по висока цена.
– И сега се отвора финансискиот дел од целата оваа состојба до која не доведе ова власт. Ќе набавувале јаглен во износ од десетици милиони евра. Наместо да го ископаат полесно е да го набават и провизии да си ќарат. А со вработените што ќе правиме? ЕЛЕМ го превработија за јаглен да купуваат? Овие десетици милиони евра значат девизен одлив, значат помал бруто домашен производ, значат насочени пари на погрешно место наместо во капитални инвестиции. Дополнително на ова МЕПСО непријавено земал струја од eвропскиот енергетски систем, па сега ова ќе ги чини граѓаните казна од најмалку 15 милиони евра. Криминалот и неспособноста креираа енергетска криза која ќе заврши со тешка финансиска криза. Ако во јануари 2017 година имавме интервентен увоз на струја кога надворешните температури беа до -27 степени и јаглен не можеше да се копа и имаше криза во енергетскиот сектор во Европа, денес имаме се уште високи температури и интервентен увоз кој е многу поскап од оној во 2017-та кога беа најтешки услови во рудниците. За ова некој ќе одговара и тоа многу брзо – истакна Кочоска.