Регистрирани се 11 семејни винарии во Кавадарци
Малите винарници со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно, наместо да плаќаат 10.000 денари надоместок за регистрација, сега плаќаат само 1.500 денари.
Регистрирани се неколку производители на вино од Кавадарци кои произведуваат во домашни услови. Вкупно 11 решенија денеска врачи министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Тој потсети дека на барање на малите традиционални семејни винарии направени се измени на закони и подзаконски акти, меѓу кои и измена на Правилникот за висината на надоместокот за извршени работи на Државниот инспекторат за земјоделство, со што се олеснети условите за упис во регистарот на производители на вино, на физички лица и мали винарски визби.
Малите винарници со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно, наместо да плаќаат 10.000 денари надоместок за регистрација, сега плаќаат само 1.500 денари.
До овој момент, регистрирани се 10 физички лица и едно правно лице.
Новорегистрираните производители се членови на здружението „Тиквешки семејни винарии”, кое има триесетина членови, со вкупен капацитет од над 100 тони вино годишно.
Претседателот на Здружението, Горан Јаковлевски изрази задоволство што ја имаат честа први да се регистрираат по направените законски измени.
– Тоа беше многу важно и ни овозможи да се регистрираме. Позитивно влијаеше и намалувањето на трошоците за регистрација. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште поплодна соработка и финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, како грант во износ од 10 илјади евра, неопходни средства за да можеме како мали семејни винарии и во иднина да се развиваме на едно повисоко ниво – нагласи Јаковлевски.