РЕГИОНАЛНИОТ МОДЕЛ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД СТАНУВА РЕАЛНОСТ Промовирани возила за собирање отпад во Пелагонискиот и во Југозападниот регион

Претседателот на Владата рече дека ова не е изолиран проект, ова е дел од регионалниот проект за управување со цврст отпад, прв национален потфат за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво, усогласен со европските директиви за отпад и депонии.

389

Денеска испраќаме силна и недвосмислена порака дека чекориме напред, од систем кој со децении беше запоставуван, кон современо одржливо и европско управување со отпадот, истакна премиерот Христијан Мицкоски од Битола каде беше промовирана опрема за управување со отпад за општините од Пелагониски и Југозападен регион.

Според премиерот Мицкоски, со испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад, се прави конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните.






– Оваа опрема не е само техничко средство, таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба, овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад, како во урбаните, така и во руралните средини. Тоа значи дека секое населено место, секој граѓанин добива еднаков третман, и еднаква грижа од државата. Со оваа инвестиција, директно удираме по дивите депонии, по долгогодишниот проблем на неформално и неконтролирано исфрлање на отпад. Наместо хаос воведуваме ред, наместо импровизација градиме систем. Особено важно е што воспоставуваме услови за селекција на отпадот уште на изворот. Ова е културна промена, а не само техничка мерка – нагласи премиерот Мицкоски.

Тој рече дека ова не е изолиран проект, ова е дел од регионалниот проект за управување со цврст отпад, прв национален потфат за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво, усогласен со европските директиви за отпад и депонии.

– Проектот опфаќа изградба на три регионални санитарни депонии, санација и затворање на три постојни нестандардни депонии, изградба на претоварни станици, како и набавка на опрема и механизација за собирање и транспорт на отпадот, за вкупно пет плански региони во државата. Особено значајно е што со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија, и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар. Тоа е регионален пристап што носи ефикасност, економска оправданост, и долгорочна одржливост- рече Мицкоски.

Тој додаде дека финансиската конструкција на овој проект е пример за успешна соработка помеѓу државата и меѓународните партнери.

– Обезбедени се средства преку заем, грантови и поддршка кои заедно создаваат силна основа, за реализација на еден од најкомплексните еколошки проекти во државата. Со оваа инвестиција, не исполнуваме само европски стандарди. Ние градиме држава во која чистата животна средина не е привилегија туку право. Држава која мисли долгорочно држава која ги штити идните генерации – рече Мицкоски.

На промотивниот настан се обрати и министерот за животна средина и просторно планирање Муамед Хоџа кој истакна дека регионалниот модел за управување со отпад станува реалност за 500 илјади граѓани од 18 општини од пелагонискиот и југозападниот регион.

– Опремата е директно поврзана со идниот регионален центар за управување со отпад во Новаци и претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар. Ова е директна инвестиција за почиста животна средина и здравје на граѓаните. Во 2026 година ја поставуваме клучната инфраструктура, во тек е подготовка на јавната постапка за Регионалната депонија во пелагонискиот и југозападниот регион со објавување во рок од најмногу шест месеци. Овој регионален систем е целосно усогласен со европските директиви – рече Хоџа.

Јавна благодарност за владината поддршка, како и за значењето на проектот во Битола искажаа градоначалникот Тони Коњановски и градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.

Поврзани содржини