Референдумското прашање беше договорено меѓу Глигоров и Милошевиќ
Не е случајно тоа што и Бадинтеровата комисија за ден на осамостојувањето на Македонија го смета денот на усвојувањето на Уставот на Република Македонија, 17 ноември 1991 година, а не денот на одржувањето на референдумот, 8 септември.
Во продолжение, ќе се задржам на уште две прашања, кои можат да фрлат светло врз оваа загатка: на една дополнителна информација за соработката помеѓу Глигоров и Изетбеговиќ и посебно на некои важни аспекти поврзани со референдумот одржан на 8 септември.
Вук Драшковиќ за соработката Глигоров – Изетбегoвиќ
Минатата година (2022), во издание на „Лагуна“, Белград, беше објавена книгата на Вук Драшковиќ, „Ожиљци живота“. Некои од неговата бранша (на пример, извонредниот писател Светислав Басара), велат дека тоа е веројатно неговото најдобро дело досега. Во книгата, меѓу другото, го пренесува разговорот што на 12 јануари 1992 година, го водел со Алија Изетбеговиќ, тогаш претседател на Претседателството на БиХ. Период: четири месеци по нашиот референдум за „осамостојување“, со целосно независна и мирна Словенија, почеток на претстојното големо клање на луѓе во БиХ, крвави борби во Хрватска кога мртвите веќе немаа име, туку беа само статистика.
Дел од разговорот гласи:
Драшковиќ: „Дали ви е жал за Југославија“?
Изетбеговиќ: „Душата ме боли“
Драшковиќ: „И мене“.
Изетбеговиќ: „Се надевам, сепак, Југославија може да оживее“.
Драшковиќ: „Како го замислувате тоа“?
Изетбегoвиќ: „Во согласност со добрите намери на лордот Карингтон, да се основа нова асоцијација или пазарно-монетарна унија на шест независни југословенски држави. Помеѓу нив, на границите да нема војска и полиција, ниту царински премини… Луѓето би носеле само лични карти, а не пасоши. Ваква заедница брзо би добила статус на придружен член на Европската заедница, каков што имаат Унгарија, Полска и Чехословачка“.
Драшковиќ: „Што со ЈНА“?
Изетбеговиќ: „Тоа прашање би го решиле така што секоја од шесте држави би имала своја војска, а најскапите родови, како што се воздухоплови, ракетни единици, би биле заеднички, со паритетна команда. Добиваме пораки од Брисел дека во таков случај Европа би ни дала пари за професионално устројување на војската и за чесно згрижување на вишокот офицери и граѓански лица од сегашната ЈНА“.
Драшковиќ: „Нешто од тоа е можно, а нешто не е можно“.
Изетбеговиќ: „А што не е можно“?
Драшковиќ: „Хрватска и Словенија заминаа. Нема да прифатат каков било облик на заедничка воена команда, ниту какво било здружување со остатокот на Југославија. Пред два месеци сакаа да го прифатат планот на Карингтон, веќе не. Сега е доцна. Затоа, господине претседателе, да се свртиме кон она што сѐ уште остана и е сѐ уште заедно“.
Изетбеговиќ: „Четворна федерација, Србија, БиХ, Македонија и Црна Гора? На тоа мислите“?
Драшковиќ: Да, ако федерацијата сега е можна“!
Изетбеговиќ: „Не е можна. До неодамна беше можна таква федерација во лабав сојуз со Словенија и со Хрватска. Ја предлагавме Киро Глигоров и јас. Загреб и Љубљана сакаа, Милошевиќ одби. Во овие околности е можна само заедница на овие четири суверени републики. И тоа во нивните постојни граници“.
Драшковиќ: „Тогаш таа заедница да ја направиме… Нека секоја од овие четири држави има своја војска, или своја гарда, а елитните и најскапи родови да бидат заеднички… Зошто, го прашувам, таа заедница, по угледот на Европскиот парламент, не би имала и свој парламент и совет на министри, кои по година дена би заседавал во Белград, Сараево, Скопје и Подгорица? Отворени граници, заедничка монета и единствен пазар. Ваква уредена четворна заедница би стапила во царинска и економска унија со Хрватска и со Словенија. И би требало, нагласив, да се потпишат низа нови историски спогодби. Прво помеѓу Србите и Хрватите, бидејќи тоа е епицентарот на сите ломови. Потоа помеѓу Србите и Муслиманите, Србите и Албанците, Македонците и Албанците’’
Изетбеговиќ: Ме радува што го сакаме истото и што слично мислиме, ја спушти раката на моето рамо“.
Планот Глигоров – Изетбеговиќ бил четворна, а не асиметрична федерација
На овој исказ не му е потребен опширен коментар. Само накусо, да потенцираме.
Според тоа што Изетбеговиќ му го соопштил на Драшковиќ, Глигоров и Изетбеговиќ предлагале четворна (скратена) федерација, која ќе договори некаков лабав сојуз со Словенија и со Хрватска. Всушност, тоа е идејата за „скратената држава“, сеедно дали ќе се нарекува Југославија или проширена Србија, која Глигоров ја прифаќал, но Милошевиќ ја одбил зашто се косела и со неговиот план „А“ (шесте републики во цврста централизирана федерација) и со планот „Б“. А според вториов план, Словенија може(ше) да си замине и може(ше) да има, ако сака и конфедерални врски со остатокот, но Хрватска не можеше ни да си замине, ни да биде во конфедерални односи. Зашто, со тоа таа де факто и де јуре би била самостојна држава со сите територии во неа населени со Србите.
А планот „Б“ беше план за проширување на Србија на сметка на БиХ и Хрватска. Затоа, ништо од таа „асиметрична федерација“. Погрешен термин, точниот би бил „четворна федерација“ плус две сосема самостојни држави (со некакви врски за соработка), Хрватска и Словенија.
И бидејќи тоа не било можно, Изетбеговиќ рекол дека во такви околности е можна само заедница на четирите суверени републики/држави во рамките на постојните граници. Тоа му го рекол, без трошка резерва дали Македонија е подготвена за такво нешто. А знаеме дека Глигоров и Изетбеговиќ посебно соработуваа за време на спомнуваната платформа „Глигоров-Изетбеговиќ“ и имаа едно загадочно заедничко патување во Либија, на разговор со тогашниот нејзин претседател, Муамeр ел Гадафи.
Референдум, ама со скриена намера!
По ова, да се задржиме малку на некои прашања во врска со референдумот, зошто беше така формулирано референдумското прашање и да видиме што тоа дополнително разјаснува.
На 6 август Собранието на Република Македонија донесе одлука референдумот на кој граѓаните на Македонија ќе одлучат дали сакаат или не сакаат да живеат во самостојна и суверена држава, да се одржи на 8 септември. Поставеното прашање испорачано од „Стариот лисец“ (со неговите помошници) гласеше мошне загадочно и противречно: „Дали сте за самостојна и суверена Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Иако мојата комуникација со веќе востоличениот државно-политички врв беше прилично ослабена, да не речам повеќе од тоа, не беше тешко да се види што прави тој „врв“. Како го доживува настанот. Каква е атмосферата.
Пред и веднаш по закажувањето на референдумот, политичката динамика како да не соодветствуваше на ваков настан. Беше прилично тивко. Можеби и месецот август имаше удел во тоа, но државниот врв процени дека тогаш треба да го закаже референдумот. Дури во последната седмица пред неговото одржување, се раздвижија парламентарните партии за организирање средби со граѓаните и почнаа поупадливите прилози на единствената телевизија (МРТВ) со мотивирачки пораки граѓаните да излезат на местата за гласање и позитивно да одговорат на поставеното прашање.
Не повеќе од десетина дена пред денот на референдумот, во просториите на СДСМ, во тркалезната сала на бившата зграда на ЦК СКМ (денес владини простории) се одржа заеднички состанок на членовите на Централниот одбор на СДСМ со пратеничката група во Собранието на РМ. Тема, средбите со граѓаните во општините низ Македонија што треба да се одржат во неделата пред референдумот: како е замислено да се одвива промотивната активност, што е добро да се акцентира во говорите и дека ќе добиеме некаков распоред на говорниците во конкретните општини.
Од сѐ што се случи на таа средба, најинтересна беше сугестијата на еден од најдолговечните во повисоката партиската хиерархија, во тој период максимално зближен со претседателот Глигоров. Меѓу другото (ништо битно) одеднаш тој препорача: пред граѓаните воопшто да не влегуваме во дискусија дали референдумот значи „отцепување“ или „раздружување“. Не кажа што да се каже, ако некој постави прашање во врска со таа полемика што се водеше надвор од Македонија. И, за чудо, никој не го праша што би било третото, ако некој од граѓаните сепак праша.
Не беше тешко да се погоди од каде доаѓаше инструкцијата. Па, така, словенечкото раководство зборуваше дека е тоа чин на „раздружување“ – зашто, како суверен ентитет донеле одлука да се здружат во ДФРЈ, па ФНРЈ и СФРЈ, кој произлегува од суверенитетот на нивните граѓани во републиката, оформени како нација; Србите, согласно со нивната политичка цел, инсистираа на терминот „отцепување“, зашто, наводно, со влегувањето во СФРЈ, правото на самоопределување до отцепување згаснало, трајно било пренесено, со тоа и потрошено; нам, пак, ни се сугерираше, од „највисокото место“ дека излегувањето од Југославија не е ни чин на „раздружување“, а ни чин на „отцепување“.
Лага е дека народот беше во дилема и дека постоеше опасност референдумот да не успее
Наведената теза на блискиот човек на Глигоров во стилот „ни девојка ни риба“, „ни кисело ни солено“ „ни мокро ни суво“, „ни раздружување ни отцепување“, прво слушнав дека е пласирана затоа што во врвот на државата (поточно во кругот на Глигоров) се стравувало од неуспешен референдум. Наводно, Македонците биле многу поприврзани кон Југославија од некои други во неа. Истите „аргументи“ ги шепотеа и во врска со матната (противречната) формулација на референдумското прашање.
За жал, во ваквата приказна Глигоров ги уверил и некои од академиците во тогашната влада. Го чув тоа од некои од нив лично, наспроти фактот што погоре го потенцирав, дека токму тие академици во тогашната влада сакаа одвојувањето на Македонија да се случи многу побрзо. Настаните потоа покажаа дека тие „образложенија“ биле извадени од „заматен бунар“.
Во врска со тврдењето за расположението на граѓаните дали се за самостојна држава, се уверивме веднаш. За второто, за противречно формулираното прашање, вистинските причини ги дознававме постепено. Воопшто не било поради стравот на Глигоров и на некои до него за исходот од гласањето, туку поради нешто сосема друго.
Таа предреферендумска недела, од повеќе општини ми се јавуваа партиски функционери барајќи јас да говорам во нивните општини. Ги упатував на одговорните во партијата за распоредот на говорниците. Ми соопштија дека сум определен да говорам во три, или во четири општини. Се сеќавам дека двете беа Гевгелија и Валандово, за третата и четвртата, не сум стопроцентно сигурен, па нема да именувам. Салите беа преполни. На влегување во нив, наместо добро вечер, велев: „Има ли некој овде што не е за суверена и самостојна држава?“ Веднаш следеа стоечки овации од повеќе минути. Кога ќе почнеше разговорот, ќе се најдеше некој од „стопанствениците“, со деловни врски со Србија, кој ќе поставеше прашање од неговиот стомак: „Од каде ќе набавуваме тоа и тоа…“? Ќе го добиеше заслужениот одговор и толку.
Го гледав на лице место тој спој на огромна желба Македонија да биде самостојна држава и надежта дека така, конечно, ќе ни биде подобро, и се прашував: врз кои сознанија Глигоров и некои луѓе околу него шепотеа дека постои опасност од неуспешен референдум, па, наводно, затоа така се однесувале и така го стокмиле „трик-прашањето“ за референдумот?
Сведочењето на професорот Владо Поповски во Плусинфо
И тогаш имав повеќе сознанија за причините зошто Глигоров ја одолговлекува одлуката за осамостојување на Македонија и зошто издејствува така да биде формулирано прашањето. И до мене допреа некои информации дека формулирањето на прашањето за референдумот е извршено во договор со Милошевиќ. Но, не си дозволив за тоа јавно да зборувам. Не можев да приложен конкретен факт/доказ, очевиден за јавноста, која во тој период нему многу му веруваше. Ќе беше само „збор против збор“ и ќе се сместуваше во контекст на нашите лични односи. Но, сведоците и сведоштвото што не ги знаев, цело време биле меѓу нас. Во кругот на луѓето со кои Глигоров соработуваше.
Од 21 до 27 јули 2022 година, во Плусинфо, прочитавме анализа за тоа време и за тие настани, од поранешниот професор на Правниот факултет во Скопје, Владо Поповски, учесник во многу од тогашните настани – како министер во некои од владите и како советник на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров. Насловот на анализата, за оние што не ја читале, гласи: „Сите македонски влади и претседатели во 1990-тите“. Во неа, Поповски (кој во текот на професорската кариера го предавал и предметот Историја на правото), меѓу другото, пишува:
„Лојалноста кон Милошевиќ Глигоров ја покажа и во врска со референдумот […] Глигоров очигледно добил инструкции од Милошевиќ како да гласи прашањето за нашиот референдум закажан за 8 Септември 1991.“
И, продолжува:
„Пред официјализирањето и објавувањето на референдумското прашање со спомнатата ‘опашка’, бевме повикани… јас и Гордана Сиљановска, како членови на Уставната комисија, од страна на тогашниот министер во владата на Никола Кљусев, одговорен за политички систем, Љубомир Данаилов Фрчкоски, ‘да сме помогнеле во формулирањето на прашањето за референдумот’. […] Во кабинетот на министерот ги затекнавме Владимир Кутлешиќ и Касим Трнка […] првиот, правен советник на претседателот на Србија Слободан Милошевиќ и универзитетски професор по уставно право, а вториот, професор по уставно право во Сараево и, веројатно, советник на претседателот на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ“.
По влегувањето во кабинетот, Фрчковски им го изложил на Поповски и на Силјановска веќе формулираното референдумско прашање: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“, со образложение дека така треба да гласи „со оглед на преземените обврски на Глигоров пред Милошевиќ“.
Откако Поповски рекол тека тоа правно не е во ред, дека е противречно, дека секоја држава прво треба да стане суверена и самостојна па потоа да може, според пропишана законска процедура, да прави сојузи со други, настанала непријатна ситуација. Поповски пишува: „Господинот Кутлешиќ и нашиот министер, покажаа видлива нервоза, веројатно поради позицијата и улогата што ја имаа, првиот во однос на неговиот претседател Слободан Милошевиќ, а вториот во однос на својот претседател Киро Глигоров, кои им дале задача да го утврдат прашањето за референдумот во Република Македонија, како што тие, претходно, се договориле“.
„Поради тоа – продолжува Поповски – реакциите на нашиот министер, беа во стилот ‘сме биле повикани за да помогнеме, а не за да комплицираме’“.
Слуги на двајца политичари си играле мајтап со правото
Значи, тројца професори од три републики и од три правни факултети (од кои двајцата по Уставно право), „правно“ ја врамиле политичката ујдурма на Глигоров и Милошевиќ, практично да го измамат македонскиот народ и да го стокмат референдумот според договорената цена што Глигоров требало да му ја плати на српскиот вожд, како надомест за нешто што тој го добил од него.
Дека професорите, во улога на слуги на двајца политичари си играле мајтап со правото (и не само со правото) констатираше и Бадинтеровата комисија. Имено, во нејзиното мислење од 10 декември 1991 година, на што Поповски потсетува во истата анализа, Арбитражната меѓународна комисија констатирала дека: „Македонија со референдумот одржан во септември 1991 година се заложила за суверена и независна Македонија во рамките на асоцијација на југословенските држави и дека, поради тоа, таа спаѓала… во оние републики кои сакале да создадат нова асоцијација која би имала демократски институции по нивен избор…“ Затоа Бадинтеровата комисија смета дека на тие републики, кои сакале да создадат таква асоцијација, е да работат заеднички за да ја постигнат таа цел.
„Таквиот епилог (продолжува Поповски) укажува дека референдумот од 8 септември 1991 година, според логиката на референдумското прашање, значел пред сѐ изјаснување на граѓаните за влегување на Република Македонија во иден сојуз на југословенски држави, а не за формирање на македонска самостојна и суверена држава – меѓународно призната и токму во тоа е манипулацијата со волјата на граѓаните, изразена на референдумот“.
Затоа, Бадинтеровата комисија за ден на осамостојувањето на Македонија го смета денот на усвојувањето на Уставот на Република Македонија, 17 ноември 1991 година, а не денот на одржувањето на референдумот, 8 септември.
(Во следното продолжение: Случајно ли, по средбата со Глигоров и Изетбеговиќ, Гадафи на генералот Кадијевиќ му предлага да изврши воен удар и да го собори Милошевиќ)
Милошевиќ: Стојане, види Гошев да не биде премиер, а ако не можеш – Киро ќе дојде и ќе го среди!