📽️ РЕДОК ГОСТИН НА ШАР ПЛАНИНА Снимени две нови единки на балканскиот рис
Со помош на трап-камери, во Националниот парк Шар Планина се регистрирани уште две единки на балкански рис.
Две нови единки на редок балкански рис се забележани на територијата на Национален парк Шар Планина, со што вкупниот број на ова заштитено диво животно во паркот се зголеми на пет.
Од управата на паркот информираат дека рисовите биле регистрирани со помош на трап-камери за време на редовниот мониторинг на дивиот свет, на подрачје кое административно припаѓа на Врапчиште.
Според нив, новозабележаните единки се во добра здравствена состојба, што се смета за позитивен сигнал за постепено закрепнување на популацијата на овој редок вид на планината.
Од паркот посочуваат дека резултатите се плод на долгогодишните активности за заштита на природата и дивиот свет. Тие најавуваат дека ќе продолжат со мониторингот и мерките за зачувување на екосистемите на Шар Планина.
Балканскиот рис важи за еден од најзагрозените цицачи во регионот, а секоја нова регистрирана единка се смета за значаен чекор во напорите за негов опстанок.