РЕДИЦИ НА БЕНЗИНСКИТЕ ПУМПИ ВО ЦРНА ГОРА Најави за поскапување и страв од недостиг на гориво

Најавите дека постои сериозен ризик од прекин во снабдувањето со гориво, но и дека се можни поскапувања, предизвикаа редици на бензинските пумпи во Црна Гора, отако голем број граѓани решија да ги наполнат резервоарите на своите возила.

154

Здружението на нафтени компании на Црна Гора (УНКЦГ) предупреди дека постои сериозен ризик од прекин во снабдувањето со гориво во земјата, бидејќи цените кај добавувачите – особено на еуродизелот – се за 30 отсто повисоки од цените што моментно важат.

На некои бензински пумпи веќе снемало гориво, а поголемиот дел од останатите пумпи би можеле да се соочат со истите проблеми од утре, пишува подгорички „Вијести“.






Од друга страна, министерот за енергетика и рударство Адмир Шахмановиќ тврди дека недостиг од гориво во Црна Гора нема да има. Тој за Телевизија „Вијести“ потврди дека од вторник се очекува значително поскапување на горивата, но не за 16 центи како што тврдат од Здружението на нафтени компании, туку околу 14 центи по литар дизел, додека бензинот, според нивните проценки, ќе поскапи за 6, а не за 7 центи.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ денеска изјави дека земјата располага со стратешки резерви на нафтени деривати, кои, заедно со комерцијалните резерви, обезбедуваат стабилност на пазарот и нормална потрошувачка за околу два месеца.

„Благодарение на владините реформи од минатата година, Црна Гора има стратешки резерви на нафтени деривати, кои претставуваат дополнителен механизам за безбедност на снабдувањето, а заедно со комерцијалните резерви што ги чуваат поединечни економски субјекти, обезбедуваат стабилност на пазарот и нормална потрошувачка за околу два месеци“ – објави Спајиќ на платформата Икс.

Тој потсети дека за денес е закажана седница на Советот за обезбедување безбедно снабдување на пазарот со нафтени деривати.

Поврзани содржини