РЕДАРИ, ПОЛИЦАЈЦИ, ВИДЕОНАДЗОР И СВЕТЛО НА УЛИЦИТЕ Центар мора да биде безбеден, ветува Лабудовиќ

Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ вели дека безбедноста на граѓаните е основа за квалитетен живот и токму затоа предвидува пакет од системски решенија.

97

Центар мора да биде најбезбедната општина во Скопје! За жал, сликата денес е поинаква – темни и небезбедни улици, сообраќаен хаос и чувство на несигурност кое секојдневно го чувствуваат граѓаните, вели кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ.

Тој нагласи дека безбедноста на граѓаните е основа за квалитетен живот и дека токму затоа во својата програма предвидува пакет од системски решенија.






Едно од нив е формирање на редарска служба – локален тим кој секојдневно ќе се грижи за јавниот ред, заштитата на јавниот имот и за превенција на недозволени активности.

Ќе има засилена координација со полицијата – со почести патроли, особено во вечерните часови на фреквентни локации, плоштади, маала и простори каде што најчесто се движат младите и семејствата.

Ќе се воведе современ систем за пријавување проблеми – контакт-центар и мобилна апликација кои ќе овозможат граѓаните за неколку секунди да пријават проблем или инцидент, а институциите веднаш да реагираат.

Ќе има модерен видеонадзор – поставување на камери на клучни и критични точки во општината, со строга регулација и со почитување на приватноста, исклучиво со цел заштита и превенција.

Ќе се постави подобро осветление – темните улици ќе станат минато, со ново и енергетско-ефикасно јавно осветление, кое ќе даде чувство на сигурност и ќе ја врати довербата кај жителите.

– Безбедноста не смее да биде луксуз. Таа е задолжителен услов за достоинствен живот. Центар мора да има осветлени улици, јасен ред и заштита на секој граѓанин. Затоа се обврзувам дека веднаш ќе започнеме со имплементација на овие решенија. Нашата цел е Центар да стане општина во која секој, од најмладите до највозрасните, ќе се чувствува сигурно, спокојно и заштитено – порача Лабудовиќ.

Тој додаде дека ваквиот систем нема да биде само реакција на проблемите, туку ќе гради трајна превенција и ќе создаде култура на одговорност, соработка и заедништво.

– Современа општина мора да има ред и безбедност за сите. Центар мора да биде безбеден – и ќе биде безбеден – вели Лабудовиќ.

Поврзани содржини