РЕД ЦВЕЌИЊА, РЕД СВИРЕЖИ Споменот за Гоце Делчев „помеѓу два огна“ (ВИДЕО)
Ова не е првпат политичарите од Македонија и од Бугарија заеднички да го чествуваат Гоце Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов, положуваа цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Со свирежи, викотници и негодувања беше пречекан македонскиот државен врв кој денеска се упати кон вечното почивалиште на револуционерот Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Претседателот Стево Пендаровски прв се поклони на гробот и положи цвеќе пред гробот на револуционерот во дворот на црквата Свети Спас во Скопје, а по него почит оддадоа и членови на Владата, која беше претставена од првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и од заменик-министерот за информатичко општество, Александар Бајдевски.
На истото место, но неколку часа подоцна, пак, во 13 часот, бугарската делегација преводена од шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, ќе положи цвење на гробот на Гоце Делчев.
Интересно е тоа што бугарските медиуми вчера објавија дека Скопје го откажало чествувањето со тврдење дека премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ нема да бидат домаќини, оти се во Брисел.
Инаку, ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положуваа цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Инаку, и на 28 јануари годинава, бугарскиот премиер Кирил Петков во собраниското излагање за релациите меѓу Скопје и Софија рече дека двете земји подготвуваат заедничкo чествување на 150-годишнината од раѓањето на Делчев.
Гоце е Македонија, а Македонија е вечна!
Премиерот Димитар Ковачевски испрати порака со оддавање почит и слава кон делото на инспираторот и водачот на македонската револуционерна организација Гоце Делчев.
„Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава. Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата ’Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите‘, порача Ковачевски.
Оваа негова порака, додава тој, до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.
„Идеалите и заложбите на Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, истакна премиерот.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, објави видео на социјалните мрежи во кое тој говори за значењето на Гоце Делчев за нашата земја и нашата историја.
Откако положи цвеќе на гробот на револуционерот, Мицкоски обвини дека не постоел никаков протокол и до последен момент не се знаело што ќе се случува денеска.
– Најпрво да им се заблагодарам на медиумите што и денеска се овде со нас иако некако како во тајност, во инкогнито да се држеше целиот овој ден бидејќи ниту имаше протокол, ниту некој знаеше што ќе се случува денеска. Како делегација на највисоко ниво од ВМРО-ДПМНЕ денеска одбележуваме 150 години од раѓањето на големиот македонски деец Ѓорѓи Делчев. кој оставил голема трага за нас Македонците, за Македонија. Со неговото дело и неговата борба за независна, суверена македонска држава во срцето на Балканот нè задолжил истата да ја чуваме, негуваме и развиваме за да генерациите после нас се сеќаваат на неговото големо дело и за Македонија, и за македонскиот народ од чија нераскинлива алка е овој човек – истакна Мицкоски.
Тој обвини дека Бугарија сака да нè натера да прифатиме дека сме биле ист народ, односно дека сме биле Бугари до 1945 година.
– Бугарското „четири плус еден“ е само парада, а суштината е сосема друга. Суштината е да се обидат да ја злоупотребат позицијата што се членка на ЕУ, да нè натераат да прифатиме дека од среден век од првото бугарско царство до 1945 имаме заедничка историја и сме биле еден народ, Бугари. Тоа никогаш нема да го прифатиме – кажа Мицкоски.
Тој вчера најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието ќе поднесе декларација која ќе ги исцрта позициите по прашањето за Гоце Делчев, а запрашан дали заедно со бугарскиот премиер Кирил Петков би положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, Мицкоски изјави:
– Ако Петков се согласи дека Гоце Делчев е Македонец и дека се борел за своја македонска независна држава, тогаш немам никаков проблем – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, со доза на иронија го честиташе денот на раѓањето на револуционерот Делчев.
„Гоце Делчев бил Бугарин онолку колку што се Бугари и Македонците кои денес имаат бугарски пасош. Затоа и бил апостол на Македонската Револуционерна Организација. Вечна ти слава Војводо македонски“, напиша Ангелов на Фејсбук.
Честитка пристигна и од Амбасадата на Руската Федерација во земјава по повод одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
„Денеска се навршуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, народен херој кој стана симбол на ослободителната борба во Македонија. Им ја честитаме оваа значајна годишнина на сите кои ги споделуваат неговите идеали!“, се вели во честитката објваена на Фесбук профилот на Руската амбасада.
„Големото бугарско предавство“
До вчера попладне сѐ уште клучната дилема беше дали премиерите на двете земји ќе бидат присутни на заедничкото чествување, иако и Петков и Ковачевски по нивната средба во Софија навестија дека заради други обврски на 4 февруари нема да се сретнат во Скопје.
Кој, каде ќе изрази почит – прашуваа и во бугарската јавност. Иако првично беше најавено дека премиерот Кирил Петков во придружба на македонскиот в.д. амбасадор Владимир Крстевски ќе пололожи цвеќиња пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, од вчера планот е сменет. Петков заедно со претседатeлот Румен Радев ќе присуствува на чествувањето во Благоевград во 17 часот по локално време.
„Благоевград е нераскинливо поврзан со судбината на Гоце Делчев и неговото семејство. Тука е погребан неговиот татко, тука почиваат коските на многу негови роднини“, пишуваат бугарски медиуми.
Други, пак, потсетуваат на „големото бугарско предавство“ на оние што дозволиле посмртните останки на Делчев во 1946 година да бидат пренесени од Бугарија во Македонија.
„Историјата е сложена, противречна, повеќеслојна – кога ја вадиме од научните трудови, таа обично се поедноставува и се претвора во политичко оружје. И токму затоа сме одговорни за што се ќе ја користиме. Бугарите им се лутат на своите македонски комшии дека развиле свој национален идентитет, поинаков од нашиот, го нарекуваат измислен, се подигруваат со нивниот јазик, кој им звучи дијалектно. Заборавајќи, дека и нивниот и кој било друг идентитет црпи ресурси не само од факти, туку и од колективни емоции, воспитувани од националните институции (…) Земете ги чудните битки за историско авторско право. Чиј е Гоце Делчев? Поданик на Отоманската империја, роден и умрен на територијата на денешна Грција, етнички Бугарин, коешто самиот го изјавувал, или борец за независна Македонија од Охрид до Одрин? Па сето тоа. Овој множествен идентитет на нашиот балкански Че Гевара може да биде основа за зближување. Но, поинаку е, ако задачата е народите да се насочуваат еден против друг“, пишува професорот по културна антропологија од софискиот универзитет „Климент Охридски“, Ивајло Дичев.
„Човек на духовното благородство“
Владиката Партениј и Бигорското братство одржаа панихида за незаборавниот Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање.

-Исполнувањето на 150 лета од рождеството на великиот наш сенароден апостол, просветен деец, учител, идеолог и борец за народната слобода, Георги (Гоце) Николов Делчев, проследено со незаборав и со сестрани енкомии, јавни манифестации и воспеви, ја докажува вистинитоста на библискиот негов исказ за културен натпревар како образец за евангелско живеење. Се чини дека во денешното македонско потсончевие, по имињата на нашите рамноапостолни Отци и Просветители, нема послаткозвучно име на народен делател од тоа на Гоце Делчев. Самото негово спомнување причинува или би требало да причинува благородни чувства кај секој современ Македонец – истакна епископ Партениј.
Тој додаде дека чесно, праведно и достојно е да се гордееме со еден таков духовен исполин, чијшто мисловен и идеолошки склоп го прави подеднакво голем и важечки и денес.
– Со сигурност, Гоце Делчев духовно и културолошки не им припаѓа на оние кои беспричински, примитивно, вулгарно и полуписмено се истураат преку социјалните мрежи со зборови полни со навреди, злоба и омраза. Тој им припаѓа на нему сличните, кои со трпение, широчина и усрдност се трудат да ги оприсутнат неговите идеали во време-просторот во кој живеат, на оние кои во себе култивираат култура, на оние кои својата словесност не ја расфрлаат во празнословие и злословие, туку ја ползуваат за уподобување на Словото Божјо, за стекнување и остварување на евангелските начела, чиишто предан поклоник бил и самиот тој – наведува еписокоп Партениј.
Животните подвизи и дела, нагласува тој, го откриваат Георги како човек на духовното благородство, на евангелската пожртвуваност за ближните, на Словото и на словесноста.