Мицкоски: Реалноста за името не ја игнорираме, но македонскиот оган нема да згасне
Не гледам причина зошто идната влада да не даде насока на раководствата на МТВ да ги така нивелира критериумите во кои ќе бидат луѓе коишто ќе бидат и луѓе коишто навистина од националниот сервис, од Македонската телевизија ќе направат европски сервис со којшто сите ние ќе се гордееме, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за РСЕ.
Економските ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, во нивната предизборна програма, ќе се реализираат со сет на политики кои не само во економијата, туку треба да бидат поврзани и со правосудството. Со тие реформи инвеститорите ќе може да се чувствуваат сигурни и да дојдат да инвестираат, вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за на Радио слободна Европа.Во вашата програмата пишува дека од 3,6 раст на БДП во 2019, оваа година ќе падне на минус 5 проценти, па потоа ако сте на власт ќе скокне на 4,5 проценти во 2021 и 2022, и следната година до 5 проценти. Тоа е раст од скоро 10 проценти. Можно ли е вакво изборно ветување во време на пандемија? Ја знаеме состојбата ви во локалната и во глобалната економија.
Не, тоа е многу повеќе од 10 проценти ако гледаме во целиот мандат на идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и победничката коалиција за обнова на Македонија.
Да но за една година е 10 проценти, од оваа година на минус пет па во следната да биде 4,5 отсто раст.
Епа сега падот ќе биде поголем од 10 проценти, гледате дека е возможно е да имате пад, а и возможно е да имате раст поголем од 10 проценти, затоа што основата практично со која вие се споредувате ќе биде многу ниска, а таа основа е од оваа година којашто ќе биде многу повеќе од пет проценти. Но за тоа ќе зборуваме претпоставуваме после нова година откако ќе знаеме колкав ќе биде падот за оваа година. Ако вака ги следиме индикаторите, ако видиме дека во првиот квартал растот беше скромни 0,2 проценти. Тоа значи дека сега во вториот квартал кадешто очекуваме сериозен пад и третиот и четвртиот кварта понатаму кога ќе ги почувствуваме ефектите од пандемијата, тогаш тоа подразбира дека падот може да биде, за жал, да биде и многу повеќе од тие 5 проценти, но да почекаме да ги видиме параметрите иако индикаторите не се многу ветувачки, ние тоа го зборувавме на нашите прес-конференции.
Доколку ме прашувате за методологијата и начинот на којшто ќе дојдеме, тоа е сет на политики, тоа не е само бројка којашто е напишана на хартија и сега ние таа бројка треба да ја споменуваме и да ја повторуваме секаде на настаните и митинзите. Тоа е сет на политики кои не само во економијата, туку треба да бидат поврзани и со правосудството, односно сериозните реформи во правосудството за да може инвеститорите на тој начин без разлика дали се тие домашни или странски да се чувствуваат сигурни и да дојдат да инвестираат. Понатаму тука е процесот на реиндустијализација на кој имаме многу посветено во нашата изборна програма, односно стимулирање на извозно ориентираните компании коишто ќе извезуваат надвор од Македонија, понатаму носење на инвеститори со голема додадена вредност, кои ќе инвестираат во Македонија и на тој начин ќе ги зголемиме странските инвестиции според методологија која е опишана во нашата програма. Робусна реализација на капиталните инвестиции, тоа е нешто што го зборував и сега кога требаше да се предлагаат мерки за справување со економската криза и ублажување на падот на БДП, за жал, не бев во тој момент послушан. Робусна реализација на капиталните инвестиции на ниво од најмалку 90 проценти реализација од тоа што е предвидено. Ценам дека сето тоа што е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и тој сет на мерки можат, нескромно да кажам, да донесат минимум раст од 4,5 проценти на годишно нивно бидејќи знаете што велат – Никакви мерки да не правите, ништо да не правите, сам да го оставите системот по инерција без какви било потреси, било какви пореметувања…
Но токму сега се соочуваме со тие пречки.
Да, но излегуваме, не само ние, излегува и светот.
Прогнозите не се баш …
Јас се обидувам да го пресликам она што е очекување во светската економија, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ветувате „интеграција на Македонија во Европската унија“, во кампањата ја користите промената на името во негативен контекст, наведнати кичми и така натаму. Како ќе ја внесете Македонија, а не Северна Македонија во ЕУ?
Ние ја користиме вокативната форма од името Македонија, тоа е Македонијо, зошто сакаме да покажеме еден вид на гордост, затоа што нашиот став е поврзан со нашата македонштина, со тоа што сме ние Македонци, коишто се од Македонија е познат и многу пати артикулиран во јавноста и сме го кажале во стотици интервјуа и тука навистина нема што да додадам и што да одземам. Истовремено сме кажале дека сме било против таа капитулација што ја донесе Зоран Заев потпишувајќи го Преспанскиот договор, но истовремено сме кажале дека ние реалноста нема да ја игнорираме, но истовремено сме кажале дека нема никогаш дозволиме оганот македонски да згасне се додека постои ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе се бориме за Македонците, за Mакедонија и се што е поврзано со придавката македонски.
Во делот за медиумите, за МРТВ наведувате „ќе ангажираме образовани и способни новинари кои ќе ја доведат информативната програма на светско ниво“. Како тоа сметате дека партија и влада ќе ангажира новинари?
Видете, претпоставувам ќе се сложите со мене, се уште националниот сервис, структурата во националниот сервис, се именуваат луѓе коишто поминуваат низ парламентарниот филтер итн., така што парламентарното мнозинство е тоа што ги определува тие луѓе да бидат членови и на програмскиот одбор и на делот на Агенција за визуелни комуникации, и она што ние ќе го вклучиме како влада, бидејќи треба да направиме конкурс во којшто ќе бидат вклучени критериуми за луѓе кои ќе бидат врвни и компетентни.
Меѓутоа не може во програма на партија да стои дека ќе вработува новинари
Апсолутно не зборуваме за партиското вработување, туку зборуваме за програмата на владата. А не гледам причина зошто идната влада да не даде насока на раководствата на МТВ да ги така нивелира критериумите во кои ќе бидат луѓе коишто ќе бидат и луѓе коишто навистина од националниот сервис, од Македонската телевизија ќе направат европски сервис со којшто сите ние ќе се гордееме. Што е тука лошо ако имаме критериуми за поголем квалитет на самиот медиум, јас не гледам нешто лошо, напротив мислам дека сите треба да се стремиме на тој начин ќе се зголеми и конкуренцијата и сите останати на пазарот ќе бидат поквалитетни, па треба владата да стимулира квалитет, па тоа е добро за идната влада да го прави, јас не гледам тука ништо страшно.