Реално нема криза, сите кукате, а политичарите ќутат и трпат!
Една категорија на луѓе стоички ќути и трпи, збор не им се слуша. Тивкото малцинство на политичарите.
Пискотници се слушаат од бензинска до маркет!
Скап бил бензинот, скап бил дизелот, ко трансформери да сте низ вените бензин да течи. И брашното и маслото било скапо, па немало ова, немало она, а и да имало и то скапо. Само кондомите поскапени, никој не се пожали, после сакате убав живот ко во кифли и зелници ви е само умот.
Не оди така другари и другарки.
Ево на телевизија, по контакти, по интернет утринската програма шо се вика Фејсбук, само жалење, само солзи… А една категорија на луѓе стоички ќути и трпи, збор не им се слуша.
Тивкото малцинство на политичарите.
Дали слушнавте, поправете ме ако грешам, како некој политичар се жали дека е се поскапено? Шо тие демек не јадат? Не им е тешко по кафани сега ко ќе им идат поголеми сметки на фактура на министерство и општина да ги пишат? Им се рони срцето, да ви кажам. Им се плаче. Дури мораат и виски, ракија да пијат за да можат таа тага да ја издржат. И за кој? Пак за нас се мачат. И ќе се здебелат ако треба, ќе имаат проблем со желудник ама молчат и трпат.
Демек нив колите на вода им одат па не ги допира бензинот шо поскапе? Ги допира ама се карактер луѓе, ќе стегнат заби и ќе наполнат до врв гориво со службена картица. Тие кутри и немаат свои коли, мораат државни да возат. Не ко некои имаат по две коли и пак не им чинело.
Нив не им се на дрва дома телевизори, компјутери, мобилни, бојлери, машини или на пластика стара на горење па да не им е тешко со струјата. Тешко им е, којзнае како спијат ама силата им е поголема од маките и проблемите. Надежта дека ако се нема може да се краде и повеќе и посилно да не се осети криза кај нив.
Е после имале, па ќе имаат ко не се застанати со работа.
Ко тие да немаат деца, демек нивните деца нејќат да одат на Малдиви или Занзибар. Сакаат и тие и тие се души, ама којзнае оваа година дали ќе има за една Хрватска не па за Малдиви. А родителска солза е најтешка. Ќе стегнат заби, на ви за две недели во Дубровник, толку се може, криза е. Ама тоа дома, нема да видите кај што плачат по социјални мрежи.
Секоја им чест на силата и оптимизмот! Со нив сме во овие тешки времиња и ако треба еве и пет денари нека крени акциза на гориво ама да си поможиме некако, да не им падне стандардот.