РЕАЛНО ЛИ Е ВО 2030 ГОДИНА ЕУ ДА ПРИМИ НОВИ ЧЛЕНКИ? Тешко без реформа на процесот на прием
И покрај декларативно манифестираната желба на првите луѓе на ЕУ и изјавите дека проширувањето е приоритет на Унијата и дека Брисел ќе прави „големи чекори кон интегрирање на нови членки во следните неколку години“, како и поддршката во јавноста за процесот, брзото „обединување на Европа“ веројатно нема да оди така лесно.
Идејата за ново проширување на ЕУ во 2030 година ја промовираше поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел на Бледскиот форум во август 2023, посочувајќи дека до овој датум Европската Унија мора да биде подготвена за прием на нови членки.
– Следниот бран на проширување е повторна средба со историјата, повторно е геополитички императив. Сите, и земјите кандидати и институциите на ЕУ, имаме многу работа. Би сакал да го повторам моето цврсто верување дека двете страни мора да бидеме подготвени за проширување до 2030 година – рече Мишел во едно од обраќањето кога одново ја спомена 2030-та како рок за прием на нови членки во Унијата.
Оттогаш, формулацијата за 2030 како година на следното проширување на ЕУ, стана мантра што постојано се повторува во Брисел кога станува збор за иднината на пристапниот процес на земјите кандидати за членство.
Претставниците на ЕУ постојано повторуваат дека кандидатите за членство мора да ги исполнат договорените услови, пред се Копенхашките критериуми, за да можат да се зачленат во Унијата, но дека и самиот блок мора да се реформира и да се прилагоди за да може да прими нови членки.
Наследникот на Мишел на функцијата претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта на почетокот на месецов, исто така на Стратешкиот форум во Блед, порача дека пристапувањето на Западниот Балкан, Молдавија и Украина кон ЕУ не е само ветување, туку приоритет.
– Овие земји се во срцето на Европа и се дел од иднината на Европа. Во наредните години, мора да ја подготвиме Унијата за проширување – преку реформи, буџетски прилагодувања и зајакнато управување. Проширувањето нема да биде лесно. Но, ќе вреди – истакна Кошта.
И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во своето годишно обраќање „Состојбата на Европската Унија“ пред европратениците во средата истакна дека иднината на Украина, Молдавија и Западниот Балкан е во ЕУ.
– За да овозможиме да се случи следното обединување на Европа, ги доближуваме идните земји членки до нашата Унија, инвестираме, поддржуваме реформи, интегрираме во Единствениот пазар. Мора да го продолжиме темпото на овој процес базиран на заслуги, бидејќи само обединета Европа може да биде независна Европа – рече Фон дер Лајен.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос на почетокот на месецов по состанокот на министрите за европски прашања на членките на ЕУ и на кандидатите за членство во Копенхаген, изјави дека процесот на проширување на Унијата мора да се гради врз Копенхашките критериуми.

– Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми, истакна Кос, додавајќи дека процесот на проширување мора да се базира на заслуги и на објективниот напредок постигнат од секоја земја кандидатка.
Прва лента на проширувањето – внатрешни реформи на ЕУ
Идејата за прием на нови членки во 2030 година, барем официјално, и натаму останува цел на ЕУ. Во тој правец за седницата на Европската комисија за 29 октомври, кога треба да бидат усвоени и објавени извештаите за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство, предвидена е и точка Предлог-реформи за проширувањето на ЕУ.
Според порталот „Њу Јунион Пост“, кој првенствено се занимава со прашања поврзани со проширувањето на ЕУ, документот на Еврокомисијата ќе содржи предлог за внатрешните и надворешните димензии на реформите поврзани со проширување на кои треба да се фокусира Унијата. Предлогот се базира на премисата дека иако реформите на ЕУ „беа неопходни и претходно“, со проширувањето „тие стануваат неопходни“, бидејќи и идните земји членки и Унијата треба да бидат подготвени за моментот на пристапување.
Во исто време, свој предлог за реформи на ЕУ подготвува и Европскиот парламент. На седницата на Комитетот за уставни прашања на ЕП на 23 септември е и точката за усвојување на Предлог-извештајот за потребата од спроведување на внатрешни реформи.
Според известувачот за документот, либералниот европратеник Сандро Гози, доколку не се реформира пред приемот на нови членки, проширената ЕУ „би ризикувала парализа“, а дополнително би се зголемиле и постојните проблеми со ефикасноста, демократијата и функционирањето.
Фон дер Лајен во годишното обраќање пред ЕП ја нагласи и потребата од реформи за да се обезбеди ЕУ да биде поефикасна и да може да апсорбира нови членки, пред се, во делот на начинот на носење одлуки.
– Верувам дека треба да преминеме на одлучување со квалификувано мнозинство во некои области, на пример во надворешната политика. Време е да се ослободиме од оковите на консензусот, изјави Фон дер Лајен.
И Кос, исто така, вели дека паралелно со проширувањето мора да се работи и на подготовка на ЕУ за приемот на нови членки. – Проширувањето и подготвеноста за ЕУ се ист проект… Тоа е пат со две ленти, и проширување и подготовка, во исто време, заклучи Кос.
Втора лента на проширувањето – реформи во земјите кандидати
Но, она што можеби е уште поважно во процесот на проширување се реформите во самите земји кандидати за членство во ЕУ и исполнувањето од нивна страна на поставените критериуми.
Владата на денешната сеница ја разгледа и Информацијата за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија, во која како главна цел е трансформирањето
Македонија, која долги години важеше за „лидер“ во процесот на проширување, аплицираше за членство во ЕУ во март 2004 година, кандидатски статус стекна во декември 2005 година, но Првата меѓувладина конференција, што означи старт на преговарачкиот процес, поради блокадите од страна на Грција, а потоа и од Бугарија, се одржа дури во јуни 2022 година. Во моментов преговорите се блокирани, со барање земјава да изврши уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот, како услов за почеток на отворање на 33-те преговарачки поглавја.
Актуелен „лидер“ во пристапниот процес е Црна Гора. Црна Гора аплицираше за членство во ЕУ во декември 2008 година, во декември 2010 година стана земја кандидат, а преговорите ги почна во јуни 2012 година. Земјата ги има отворено сите 33 поглавја од преговарачкиот процес, од кои времено се затворени седум. Подгорица има амбиција да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година, по што би следела ратификацијата на договорот за пристапување во земјите членки, што вообичаено трае околу две години, па земјата би ги исполнила условите да стане членка кон крајот на 2028 година.
Зад Црна Гора е Албанија, која до минатата година на европскиот пат одеше во пакет со земјава. Албанија аплицираше за членство во април 2009 година, во јуни 2014 година доби статус на земја кандидат, а преговорите ги почна во јули 2022 година. Досега Албанија има отворено 24 од 33-те поглавја во преговорите, а нема затворено ниту едно. За во вторник е најавено отворање на уште четири поглавја. Тирана сака да го следи темпото на Подгорица и да биде подготвена за членство во ЕУ во 2029 година.
Србија поднесе кандидатура за членство во ЕУ во декември 2008 година, исто како и Црна Гора, и двете земји одеа во пакет со добивање кандидатски статус во декември 2010 година и почеток на преговорите во јуни 2012 година. Белград досега има отворено 21 од 33-те поглавја, од кои две се времено затворено. Преговарачкиот пат на Србија е во застој, бидејќи за натамошен напредок во преговорите ЕУ лани во декември постави три услови – носење нов закон за медиумите (што е во меѓу време сторено), измена изборното законодавство и формирање на регулатор за електронски медиуми. Паралелно со ова, од Србија се бара да оствари напредок во почитувањето на владеењето на правото, во борбата против корупцијата и во нормализацијата на односите со Косово. Позицијата на Србија на европскиот пат дополнително ја усложни актуелната политичка криза во земјата.
Босна и Херцеговина аплицираше за членство во февруари 2016 година, а во декември 2022 доби статус на земја кандидат, но засега не е на повидок одлука на Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори.
Украина поднесе кандидатура за членство во ЕУ во февруари 2022 година, а Молдавија еден месец подоцна. Двете земји веќе во јуни 2022 добија статус на земји кандидатки за членство и во јуни 2024 година ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ за старт на преговорите. Во моментов се во фаза на скрининг процесот, но и по неговото завршување не се очекува брз старт на преговорите по поглавја, пред се за Украина.
Грузија аплицираше за членство, како и Молдавија во март 2022 година, а кандидатски статус и беше доделен во декември 2023 година. Во меѓу време, лани во ноември Тбилиси реши еднострано да го замрзне пристапниот процес.
Тој ќе има средба со претседателите на Европскиот совет и на Комисијата, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен во 18 часот.
„Највозрасниот“ кандидат за членство во ЕУ, Турција поднесе кандидатура во април 1987 година, во декември 1999 година доби кандидатски статус, а преговорите официјално ги започна во октомври 2005 година. Турција има отворено 16 преговарачки поглавја, од кои само едно е привремено затворено, но ЕУ ги замрзна преговорите во 2018 година, поради, како што беше образложено, „демократско назадување“ на земјата.
Косово, кое се уште не е признато како независна држава од пет членки на ЕУ – Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија, поднесе барање за членство во 2022 година и во моментов има статус на „потенцијален кандидат“ со не целосно јасна перспектива.
Финансиска поддршка за пристапниот процес
Со Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, во кој влегува и фамозната 2030 година, за ставката „проширување, источно соседство и остатокот на Европа“ се предвидени речиси 42,6 милијарди евра, што претставува зголемување за 37 отсто во споредба со Буџетот за 2021-2027. Од овие средства се предвидени околу 21 милијарди евра за Инструментот за претпристапна помош (ИПА 3) и Новиот план за раст, што е значително повеќе од сегашните 14 милијарди, што во Брисел се потенцира како сигнал дека ЕУ е подготвена да ги зголеми влоговите и да ја интензивира поддршката во своите идни членки.
При презентацијата на следната Буџетска рамка кон средината на јули, Фон дер Лајен истакна дека ЕУ ќе им овозможи на земјите кандидати за членство пристап до целиот сет алатки на инструментот „Глобална Европа“, како показател дека проширувањето како стратешка инвестиција во стабилноста и просперитетот на Европа, е клучен приоритет и политичка цел на ЕУ.
– Тие средства не се само за техничка помош, туку и за поддршка на реформите и за инвестиции – рече Фон дер Лајен.
Според Кос, ваквиот буџет покажува дека проширувањето е јасен политички и геостратешки приоритет за Европската Унија.
– Многу од нашите земји кандидатки имаат амбиција да ги завршат преговорите во наредните години. Тие се наши најдоверливи партнери и ние ги поддржуваме колку што можеме, а новиот Мултифункционален финансиски план ја одразува таа реалност – истакна Кос.
Најавата за поддршка на реформите и за инвестиции со идниот буџет на ЕУ, се надоврзува на Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан и поврзаниот со него, Инструмент за реформи раст, вреден шест милијарди евра за периодот до 2027 година. Целта на Планот е да се обезбедат можности за зајакнување на социо-економската конвергенција на земјите од Западниот Балкан, нивно доближување до единствениот пазар на ЕУ во многу области уште пред полноправното членство, како и значителната дополнителна финансиска поддршка.
Од шесте милијарди евра, две милијарди евра се во форма на неповратни грантови и четири милијарди евра како заеми под поволни услови обезбедени од ЕУ. Три милијарди евра од средствата за позајмици се наменети се забрзување на растот врз основа на клучните социо-економски реформи, а останатата една милијарда кредити и двете милијарди евра грантови се предвидени за поддршка на инфраструктурни инвестиции во транспортот, енергијата, дигиталната транзиција, образованието и развојот на вештини. Услов за добивање на овие средства е спроведување на реформите утврдени со реформските агенди на секоја земја одделно.
Планот беше промовиран во ноември 2023, кога беше најавено дека до почетокот на вториот квартал од 2024 година тој ќе стане операбилен и ќе бидат исплатени првите средства на земјите од регионот. Рокот беше пролонгиран за почетокот на летото 2024, потоа за по летните одмори, па за до октомври… Северна Македонија, како прва меѓу земјите од регионот, ги доби првите средства за претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст во износ од 52,4 милиони евра во март 2025.

Инаку, покрај Планот за раст на Западниот Балкан, ЕК усвои и слични документи за поддршка на Украина и Молдавија.
Перспективи на проширувањето
Еврокомесарката Кос во повеќе наврати повторува дека приемот на нови членки не е само проширување на границите на ЕУ и зголемување на нејзината територија.
– Проширувањето не ја прави ЕУ само поголема по бројот на квадратни километри и по бројот на луѓе. За мене тоа е многу повеќе. Туку станува збор за обединување на Европа, па затоа со зголемување на поддршката на сите оние кои вложуваат напорна работа за да ги исполнат условите за членство, ние сме на патот да ја обединиме нашата Европа, додаде Кос.
Во прилог на приемот на нови членки оди и фактот, што, според резултатите од последниот истражување на Евробарометар, проширувањето на ЕУ го подржуваат 56 отсто од европските граѓани, при што таа поддршка е особено висока меѓу лицата на возраст од 15 до 39 години достигнувајќи до две третини. Генерално, граѓаните на ЕУ го поддржуваат проширувањето и сметаат дека кандидатите за членство треба да му се приклучат на блокот кога ќе ги исполнат потребните услови, посебно оние поврзани со почитување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на основните права.
Мнозинска поддршка за пристапување во ЕУ има и во сите кандидати за членство, со исклучок на Србија. Поддршката за членство е највисока во Албанија, каде 92 проценти од граѓаните на евентуален референдум би гласале за зачленување на нивната земја во ЕУ. Оваа стапка во Грузија е 74 проценти, во Македонија и Украина по 70 отсто, во БиХ – 67, во Црна Гора – 64, во Молдавија – 63 и во Турција – 58 проценти. За разлика од ова, во Србија поддршката за пристапување на земјата кон блокот е само 33 отсто.
Сепак, и покрај декларативно манифестираната желба на првите луѓе на ЕУ и изјавите дека проширувањето е приоритет на Унијата и дека Брисел ќе прави „големи чекори кон интегрирање на нови членки во следните неколку години“, како и поддршката во јавноста за процесот, брзото „обединување на Европа“ веројатно нема да оди така лесно.
Експертка за европски прашања Желајке Чаки вели дека не верува оти е можно да се постигне консензус за проширување на ЕУ за скоро време.
– Ако ЕУ сака да се прошири во оваа деценија, односно до 2030 година, мора да го реформира процесот на прием и да обезбеди поголема поддршка за зајакнување на кревките демократии. Јазот помеѓу официјалните извештаи на ЕУ и јавните изјави на лидерите за забрзан процес е неодржлив – смета Чаки.
Аналитичарите проценуваат дека првото ново проширување на ЕУ теоретски би можело да биде во 2030 година, но дека многу поверојатно е тоа да се случи дури кон средината на следната деценија. Кои земји би биле вклучени во тоа проширување засега е отворено прашање.