РЕАЛИЗИРАНИ СЕ 400 ПРОЕКТИ Димитриевски во актуелниот мандат изгради осум училишта
Независниот кандидат Димитриевски рече дека секогаш го бира граѓанскиот интерес пред партискиот интерес во однос на неговата кандидатура за градоначалник.
Независниот кандидат за градоначалник од иницијативата „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, а воедно и актуелен татко на градот, вечерва говореше за она што го реализирал до сега.
– Реализиравме над 400 проекти. Куманово беше една од најзадолжените општини. Работиме многу домаќински, посветено, со големи заштеди. И реализиравме сериозни капитални проекти. Куманово денеска е една од најдобро осветлените општини. Не е точно фактот дека Владата го врати половина од долгот на општината, бидејќи не беше 3,9 милиони евра, туку долгот беше многу поголем. Тука се смета основниот долг, но ние враќавме пред да дојдат тие средства и претходно. Некои општини тоа не го правеа, па затоа една општина Охрид и Тетово доби 7,8 пати поголеми средства од општина Куманово. Точно е добивме приближно 2 милиони евра, но вративме долг заедно со камати некаде околу 11ипол милиони евра – рече Димитриевски во дебатната емисија Клик плус на ТВ21.
Тој потенцираше дека има заштеди во делот на јавните набавки со над 60 отсто.
Димитриевски информираше дека во Општина последното училиште е изградено во далечната 1987 година и оттогаш до 2018 година имало само една инвестиција во основно училиште.
– Само последната година имаме инвестиции во повеќе од осум училишта, каде што се сменети покривите, фасади, врати, прозорци, нови санитарни чворови и тоа: во училишта кадешто учат сите наши ученици, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и сите етнички заедници кои ги имаме во градот. Но, жално е што одредени министри кои седеа на одговорни функции во владата, на коишто во континуитет им испраќав барања, да се изнајдат средства за ова училиште, освен поранешната министерка Рената Тренеска Дескоска која што имаше сенс за овој проблем и обезбеди средства во буџетот, но не беа реализирани затоа што претходно министерството коешто е задолжено за проектирање на вакви документи немаше соодветен проект, ниту еден друг министер во континуитет нема разбирање за една ваква капитална инвестиција. На мое прашање зошто? Добив одговор од поедини министри – а кој сте вие да ги решавате албанските проблеми во Куманово? Јас сум градоначалник на сите и задолжен сум да го работам тоа – рече Димитриевски.
Независниот кандидат Димитриевски рече дека секогаш го бира граѓанскиот интерес пред партискиот интерес во однос на неговата кандидатура за градоначалник.