Реакции на честитките од Пендаровски и Шекеринска: Чија е оваа армија, команданте?
Првите луѓе во одбраната, врховниот командант и министерката во заминување, во своите пораки велат „Армијата“, „Нашата Армија“, „Армијата на земја членка на НАТО“ што преизвика револт и ред прашања до нив од граѓаните.
Честитките на шефот на државата Стево Пендаровски и на министерката за одбрана Радмила Шекеринска во чест на Денот на АРМ и на 28-годишнината од формирањето на македонската армија поттикнаа реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните се придружуваа на честитките, но има и такви кои реагираат затоа што првите луѓе во одбраната, врховниот командант и министерката во заминување, во своите пораки велат „Армијата“, „Нашата Армија“, „Армијата на земја членка на НАТО“ што предизвика револт и ред прашања до нив:
„Армијава од која држава е“?
„На која армија си командант? На таа што ја продадовте и што ја преименувавте? Не си достоен“.
„18 Август е денот на Армијата на Република Македонија. А не на Северна”.
„Честит празник на АРМ. Се срамите да ѝ честитате на АРМ?“
„Извинете господине, но вие и тие околу вас, не се достојни да го празнуваат овој ден“.
А, еве како министерката Радмила Шекеринска им честиташе на припадниците на АРМ:
„Честит роденден, Армијо наша. Нека љубовта и лојалноста кон татковината ти го осветлуваат патот кон иднината. Чест ми е и гордост што годинава за првпат Денот на Армијата 18 Август го одбележуваме како Армија на земја членка на НАТО. Ви благодарам што ме направивте горда министерка за одбрана“, напиша Шекеринска. И токму тоа „Армијо наша“ и „татковино“ поттикна и прашања упатени до министерката на нејзиниот профил.
„Нека ни е честит Денот на Армијата што за прв пат го одбележуваме со остварена стратешка цел – полноправно членство во Алијансата“, честиташе претседателот Стево Пендаровски.
Тој и во својот говор на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 август само во воведното обраќање рече „почитувани припадници на Армијата на Република Северна Македонија“, а заврши со порака дека „ова е голем ден за нашата Армија и за сите нас. За прв пат како држава членка на НАТО го празнуваме 18 Август – Денот на Армијата. За прв пат, заедно со нашата Армија, симболично празнуваат и нашите сојузници во НАТО. Нека ни е честит Денот на Армијата! Нека ни е вечна државата!“
На Фејсбук реагираше и актерот Сашо Тасевски: „Рада зборува за празник на некоја Наша Армија во Нашата Земја. Стево исто зборува за таква армија. Команданти на кои им е непријатно да ја именуваат нивната армија и да кажат чија е. Е па нека ви е честит празникот на Вашата Армија. Не се опишувате со зборови. Ни треба во речникот некој посилен збор од РЕЗИЛ и СРАМ“, пишува Тасевски.