Реакција од СФМ: Со притисок врз институциите и клевети, не може да се покријат сомнежите за финансиски криминал во минатото  

Досега до СФМ нема формално известување дека е извршено наводно поништување на уписот на Огњан Циговски за претседател на СФМ, наведуваат од Скијачката федерација.

616

Скијачката федерација на Македонија (СФМ) остро реагира на денешната објава на Плусинфо со наслов „Пановски и со упис во Централен регистар официјално ќе биде претседател на Скијачката федерација“.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост:






„Во интерес на правилно и точно информирање на јавноста и на вашата читателска публика, информираме дека посочениот текст содржи низа неточни информации, сериозни клевети и манипулирање со податоци од надлежни институции. Неспорна е намерата на посочениот текст да изврши притисок врз институции преку прејудицирање на одлуки.

Досега до СФМ нема формално известување дека е извршено наводно поништување на уписот на Огњан Циговски за претседател на СФМ (Решение на Централниот регистар на Република Северна Македонија од 26 април 2021 година).

Оттука, сите наводи во објавениот текст се невистинити. Ова не е првпат од нелегитимна група да се изнесуваат невистини во јавноста. Само пред два дена, СФМ упати демант за невистинитите тврдења со истата намера –  затскривање на сомнеж за незаконско работење на структури активни во Федерацијата пред изборот на новото раководство на вонредното собрание одржано на 3 март оваа година, а не во февруари како што се наведува во текстот.

Како потврда на горенаведеното е и фактот дека по спроведен инспекциски надзор е изготвен Записник од страна на Агенцијата за млади и спорт во кој се утврдени неправилности во работењето на СФМ во минатиот период и врз основа на кој е издадена мерка – опомена и прекршочен налог за Федерацијата.

Покрај тоа, во текот на месецов СФМ прими официјален допис од Државната комисија за спречување на корупцијата, со кој се бара доставување на податоци и информации во врска со своето работење за времето на претходното раководство. Од тие причини, во тек е финансиска ревизија на работењето во изминатиов период.

Цениме, дека токму овие активности се причина за пласман на невистинити информации за да се дефокусира јавноста од начинот на кој била водена СФМ во минатото.

Потсетуваме дека како резултат на наталоженото незадоволство на клубовите во СФМ, особено поради нетранспарентното работење и негрижата за докажаните првенци на снежните спортови кои сомнително останаа без ваучери, искажано на вонредното Собрание од 3 март 2021 година (не февруари, како што е наведено во објавата на која реагираме), СФМ избра ново раководство со Огњан Циговски како претседател чија основна цел е СФМ конечно, по долги години, да почне да работи транспарентно и во согласност со закон, целите и визиите заради кои постои и така и ќе продолжи.“

Поврзани содржини