Реакција: Мајката го изгубила правото за надомест зашто не го пријавила приходот на ќерката
Ангажманот во невладината организација на нејзината ќерка, која е соуживател на правото го нема пријавено во ЦСР во законски предвидениот рок, наведува директорката Арсовска.
Директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работи Куманово, Александра Арсовска, испрати реакција на објавениот текст на Плусинфо во кој Фросина Стоилкова Китановска тврди дека го загубила правото на надомест поради тоа што била Бугарка.
Реакцијата на директорката Арсовска ја пренесуваме во целост:
„По објавениот текст на порталот Плусинфо, а кој се однесува за Фросина Стоилкова Китановска, ЈУМЦСР Куманово ве информира дека нејзините тврдења се целосно неточни и неосновани.
Во тој контекст информираме дека домаќинството на Фросина Стоилкова Китановска по поднесување на Барање за остварување на Гарантирана минимална помош (ГМП) со приложени потребни, валидни документи од Република Северна Македонија го има остварено правото на ГМП. При поднесување на Барањето има покажано и важечка лична карта на РСМ.
На основа на приложените документи има остварено право на користење на Гарантирана минимална помош, Детски додаток и Образовен додаток за три деца.
На 28.09.2020 година од страна на службеното лице ѝ е доставено Решение од 16.09.2020 година во чија содржина точно се наведени обврските на корисникот на правото.
Во алинеја 5 е наведено дека ‘Носителот на правото се задолжува во рок од 15 дена да ја пријави во овој центар, секоја промена која би влијаела на остварување и користење на правото’. Врз основа на добиени службени податоци од УЈП на 15.02.2021 година е утврден приход кај соуживателот на правото во висина од 42.492 денари. Износот, кој не е пријавен во законски предвидениот рок, го оневозможува понатамошно користење на правото, бидејќи е повисок од висината на правото, како и од висината на тримесечен износ на кој би можел да се минусира. На основа на овој податок изготвено е решение за престанок од 15.02.2021 година со кое по службена должност има забрана за користење на истото во наредни 6 месеци согласно Закон.
Решението е навремено доставено до странката со нагласување дека истото може да го обжали. До денеска во ЈУМЦСР Куманово не е доставена жалба. Лицето неколкупати е информирано секоја промена во домаќинството која би влијаела на остварување и користење на правото да ја пријави во законски рок за да може благовремено да се постапи во рамки на Законот. Ангажманот во невладината организација на нејзината ќерка, која е соуживател на правото го нема пријавено во ЦСР во законски предвидениот рок. Поради немање на доказ за ангажманот во тој период а и до ден денес, не сме биле запознаени за кои средства станува збор, ниту пак за каков ангажман и каде е вклучена нејзината ќерка, па оттука и нејзините тврдења се целосно неточни.
Податоците за приходите се добиени по службен пат и по истите е постапено како и за секој граѓанин корисник на правата според Законот за социјална заштита по кој ЦСР мора да постапува.
Бидејќи лицето неосновано изјавува невистини за постапувањето на ЈУМЦСР Куманово бараме објава на нашиот одговор по однос на објавеното“.