Реџепи: Подготвен сум да одговарам пред Бога и законот
Во врска со своето работење на чело на ИВЗ, Реџепи вели дека било во функција на подигање на квалитетот на исламското верско образование и подигање и ревитализација на стотици џамии.
Откако пред три дена беше разрешен, поранешниот реис на ИВЗ Сулејман Реџепи го кажа своето мислење за чинот преку соопштение. Во него тој наведува дека дава неотповиклива оставка на функцијата, а за неговата работа единствено одговара пред Бога, иако како што вели, е подготвен да одговара и пред законот. Тој обвинува и дека против него се води нецивилизирана кампања.
„Последните денови во јавноста се пласираа редица дезинформации и се одвиваше кампања што јас ја сметам за нецивилизирана, а која што се однесуваше на мојата личност при што се нанесоа сомнежи на мојата активност и ангажирање на чело на ИВЗ.. Како верски водач и човек, длабоко сум трогнат од оваа навредлива кампања, но во ниту еден момент не го оспорив правото на кој било да го изнесе своето мислење и став, свесен и уверен дека единствениот и конечен судија за делата на секој човек е и ќе биде секогаш единствениот семоќниот Алах“, пишува Реџепи.
Во врска со своето работење на чело на ИВЗ, Реџепи вели дека било во функција на подигање на квалитетот на исламското верско образование и подигање и ревитализација на стотици џамии.
„Ја известувам јавноста дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата ренсул Улема на ИВЗ, нагласувајќи при тоа дека за мојата досегашна работа одговарам пред Бога и спремен сум да одговарам пред Законот“, напиша Реџепи.