Развеселогласие – Честит Велигден!

Голем срам за Бугарите кои си отидоа избркани и чувани од кордони полиција, но поголем срам за нас, што дозволивме да трпиме гниди од луѓе да ни лазат по главата, а ние да се чешаме! Такво нешто, сем нас, никој не трпи...

2,561

Како и да е, ракавицата е фрлена од страна на Бугарите, ама и ние им покажавме каршилак на нив! Резултатот е 1 – 0 за нас! – извикав гласно, читајќи ги реакциите на народот.

– Напреед! –извика внук ми Никола, отстрана, не знаејќи за што се работи.






– Чекај синко! – му реков. – Ракавица им е фрлена на домашните предавници од власта, па најпрво со нив треба да расчистиме…

– Како, бабо?

– Ќе ги истераме синко! Од никого неизбрани, самонаметнати, силеџиски ја приграбија власта, и сега, водени со алка на носот ни се с’скаат… проклетите!

Внук ми задоволен се оддалечи, а јас почнав да пишувам:

– Во секој случај… занимливо е Развеселогласието на одјасаните Бугари кои си организираа вашар во убавата Битола и се прошетаа по Широк Сокак, надевајќи се дека го нашле мајданот од каде ќе си црпнат акал, кој им недостасува. Излезе народ на улица и ги пречека со свирежи и размавтани писанија за „добредојде“, бранејќи се како со стапови од чопорот натрапници, кои се осмелија да газат по нашата земја и нашата чест како по Алајбегова слама. Па уште и интервјуа да даваат, со „големи“ зборови да ни се топорат… – кај петелот… и гостинките кокошки – сите раскокодакани и распретани на туѓо буниште. Правејќи од себе шизофрени будали, својата лична национална неизживеаност поради која психички страдаат, се обидоа да ја фрлат како превез врз нашите очи.

Голем срам за Бугарите кои си отидоа избркани и чувани од кордони полиција, но поголем срам за нас, што дозволивме да трпиме гниди од луѓе да ни лазат по главата, а ние да се чешаме! Такво нешто, сем нас, никој не трпи… Никој не те трпи како на свое да му газиш по неговото и да му ја погануваш душата со застоен измет, стар два века. Никој не трпи ни крлежи на власт кои сето тоа го одобруваат, скришно договараат и реализираат.

Направен е обид да се манипулира со нас Македонците, чинат, со стока, како од страна на соседите, така и од страна на Европа и светските сили кои го поддржуваат и шират оживеаниот фашизам, иако е подеднакво опасен, како за нас, така и за нив. Гледаат својот долгорочен геостратешки интерес да го спроведуваат и тоа кај нас им успева, благодарение на разлеаната состојба на свест на луѓето од власта, кои договорајќи го со Бугарите овој бесрамен чин, само за да останат на власт, нé изложија на понижување.

Не ќе можеа нашите домашни итри гангстери да си играат со нас и со нашето трпение, ако не ја користат разединетоста на македонскиот народ, кое нешто е резултат на продолженото неусогласување меѓу македонските политички партии.

За жал, триесет години по осамостојувањето на Македонија, политичките партии не најдоа заеднички интерес за покомпактен и политички поцврст национален склоп, во кој е вградена неопходно разбудената национална свест за здружување на ставови, кои се однесуваат за заштитата на опстојбата на државата и народот во неа, почитувани од секоја политичка партија кога е на власт. Такви програми имаат сите наши комшии: – Срби, Бугари, Грци и Албанци, и тие стари (а сега, богами, и со ново додадени…), секогаш актуелни нивни творби, ги чуваат во државниот трезор. Кога им треба ги отвараат и покажувајќи ни со прст на содржината од некои страници… ни мафтаат, се закануваат, нé корат, по душата ни газат и гмечат… како што сега направија недоветните Бугари во Битола.

Ова е последен момент, освестени, духовно да се раздвижиме во себе, за себе, – за да не исчезнеме од виделината на денот како утринска магла, лавкајќи додека караванот минува. Завртени кон себе, да престанеме како недораснати деца да се вртиме накај некој поголем брат од надвор и со прстот во уста, да чекаме да не „спаси“. Немојте, луѓе! – Сите тие, поранешните и сегашните големи браќа и пријатели што ги нарекуваме, во историјата, многу пати нé оставиле на цедило и поаѓајќи од сопствените големодржавни аспирации ни ја запечатиле судбината како плен на други балкански национални програми, кои – „…ред се редат, мале…“

Кога зборувам за национална програма, мислам на систем од вредности кои ќе обезбедат севкупен опстанок на населението во државата, независна од странскиот економски и политички фактор, односно, современ, самостоен и автономен политички и економски субјект, отпорен на надворешни, исто и на внатрешни обиди за дестабилизација. Со други зборови, можност – народот непречено и природно да има свој еволутивен развој во општеството, како и другите европски и американски нации.

Светов се разбурка и не е ништо како порано и утре нема ништо да има од денешното: – Русија никогаш не била за нас. Таа ни ги налепи Бугарите уште пред Руско–Турската војна… па и Грците ги поддржа… Сетете се на отпадникот Горбачов, кој со врвен цинизам и лакрдија (како сега да го гледам на телевизија), качен на кајче, Грците го шетаат по Егејското море, а тој, со крената рака, се развикал – „Нема Македонија“!

Европа која нé распарчи како територија и народ сега ја покажува својата сопствена недоветност и неспособноснт за себе. Под целосна команда од НАТО, пропагира мир во светот со дотур на оружје во Украина и сопствено наоружување, за да, наводно, ја зачува својата независност. Фактички, падна под целосна зависност и администрација на Америка, која пак, нас Македонците не нé смета ни за трошка од залакот кој го џвака. Ние сме ѝ дамна ветен курбанлук…

Како инструктор, заедно со нашиот (никогаш) пријател Англија, само фрлаат оружје за дотур во оганот на војната и со машата го претаат, да биде подалеку од ни. Гајле им е што некои таму гинат… Ќе гинат – тие се туѓа челад. Само го „поддржуваат“ човекот, кој се соживеа со улогата на светски говорник, со барања кои „веднаш“ треба да му се исполнат… за „да пропадне Русија“. Не е свесен дека двете нуклеарни сили нема да војуваат со оружје помеѓу себе… Тешко него! Го подлажаа и уште го лажат. Го оставија сам во војната која тие ја предизвикаа, со инсталирани неонацисти како фактор… платеници… и младина која гине како колатерална штета, свесна дека Америка војува со Русија, односно НАТО, и како спротивни тимови, решавачката игра ја водат на туѓ – нивни терен, со одјасани навивачи на едната и другата страна и страден народ кој се партали како расшуткана фудбалска топка.

Се чудам зошто нашата главена власт зазема страна, кога е ем ќора, ем боса? Продолжува да ги следи и поткрепува туѓите интереси, некадарна да се соочи со своите, а народот трпи…!? Се чудам и на нас што само глаголаме додека душата ни замира, место час поскоро (за спас) да ги отстраниме од кабинетите – неосознаениот самонаречен премиер, и итриот Османи, кој исчешлан, секој ден ни се дрочи забавувајќи нé со евтини прес-конференции, зад кои се крие задна намера… За кој? – За нас Македонците и македонската држава која сака зад наш грб да ја распарчи по своја замисла, односно, по замислата на големобугарската и големоалбанска платформа, како што беше некогаш… само што сега, секој си ја надополнил…

Мајчин, екстремен Албанец кој откако се формира културен центар на Албанците во Скопје, се потруди таков да им обезбеди и на Бугарите во Битола, за да се допишуваат. Летајќи го црниот орел во Македонија, министерската фотеља ја користи по свет да агитира за Косово, и за групирање на Албанците околу реализацијата на големоалбанската идеја, па попатно се нафати и нас да нé среди и да ни го реши „македонското прашање“. Треба да се срамиме кога тој се гордее, што од него чекаме за нас да одлучува и да ни ги брани – историјата, јазикот и идентитетот, удирајќи не со копачот по глава…? Зар нема осознаен Македонец, бре! – кој се сака себе како Македонец во својата држава и на кого нараодот ќе му верува? Е, еее! До каде нé дотера нашето натурено раководство и нашата недоветност, неслога, разединетост, незинтересираност, поради неосознаеност и непознавање на самите себе…? Кој Албанец би имал доверба (еве во мене) и би дозволил место нив да преговараме и да им ја суредуваме нивната идеолошка и програмска определба која на големо се спроведува во Македонија?

Не се угледуваме на нашите Албанци кои ќе се испотепаат меѓу себе кога се во прашање распределба на функции и заграб во политичкото милје на државата, а секогаш единствени кога е во прашање нивната големоалбанска заедничка национална платформа, која ја реализираат во државава, потпомогнати од партиите на нас Македонците, и тогаш, кога таа е вперена против нас.

Зошто ние не сме единствени? Зошто од внатре грдееме и умираме отфрлени сами од себе? Разџавкани како пилиштари квакнати на различни гранки, готови сме да си ги искубиме меѓу себе пердувите. Такви сме и деновиве… Едни викаат, други молчат, трети гледаат сеир самите на себе…

Оваа музикална колваница (колнатица), ме потсети на изборот на партиското знаме на партијата МААК. Беше тоа во далечната прва плуралистичка година, кога МААК стана жива мисла на дотогаш замолчениот Македонец. Се спремавме за продолжување на конституирањето на партијата, кое го одржавме во Универзалната сала во Скопје. По задача, заедно со Перо Мазев и неговиот нацрт за партиското знаме, цел ден ја шетавме Старата чаршија купувајќи крепсатен и ширити, а цела ноќ преседовме помагајќи ѝ на Госпоѓата Олга Мадиќ во шиењето. Сабајлината, речиси од кај неа, тргнавме и пред да влезат другите во салата, го закачивме неколкуметарското знаме на висок јарбол, подготвен за него. Беше прекрасно. Ја отсликуваше раскинатата и поделената македонска земја и душа, во вид на три крвави краци, кои од едно место се чаталат и протегаат, секој во друг правец. Делегатите кои влегуваа во салата со интересирање го гледаа и почнаа дискусии… „За“ и „Против“ знамето. Настана џагор… за да на крајот се слушнат повиците: – „Го сакаме лавчето!… Лавчето!… Што е ова?… Ние сме лавови, го сакаме лавот, лавот…!“.

Тинчеше салата од разногласието и ракоплескањето… Мазев седеше сосема мирно, сето време со вкрстени раце и со вкочанет поглед во знамето. Сиот претходен блесок од очите му овена… Имаше бела маица на себе која ја извалка кога едно време почна да се мазни со дланките по градите, движејќи ги зачестено и до челото, од каде го креваше (вечно) паднатиот прамен коса. Едно време, не ги издржа нападите за „неубавото“ и „несоодветното“ знаме. Скокна од столот, истрча на бината, уште еднаш ги избриша дланките од маицата, потоа со силен потег го поткрена праменот коса од челото и чукна со рака на микрофонот: – Штооо? Не ви се бендиса знамето… А? Сакате лавче на него… А? Каков лав, брее…!? Вие сте за зајак… затоа што со години молчите и се криете дури и од самите себе како уплашени зајаци…!

– Бар за котење ќе нѐ бива! – му дофрли Петре М. Андреевски на Перо, фаќајки го за рака за да го стиши, кога овој сиот сцрвенет и испотен, се врати назад на местото.

Перо му ја стресна раката на Петре и одново скокна од столот, мавтајќи со рацете, уште повисоко и побрзо. Вртејќи се кон присутните, разлутено викна: – Моорее… и за котење не ве бива. Вие сте штроени! – рече, па се заврте на напред и седна, скрстувајќи ги одново рацете на градите.

Тогаш Петре, со подмижани очи и истегнат врат, со скриен осмев каков што имаше само тој, како за себе, додаде: – И во умот…

Перо го чу и одново скокна, и вртејќи се одново спрема присутните во салата, на брзина се дополни: – И во умот сте штроени… и тоа одамна… Отпосле ќе се сетите дека сте комплетни евнуси…

– И штроени во умот и штеловани… – тивко додаде Петре на одење, жалејќи се дека му се повраќа.

Јас и Перо останавме счучурени во столовите. Џагорот не престануваше во салата, а Перо никако да се смири: – Ај да си ојме по дома… – ми рече – да спиеме. Овие пилиштариве нека ги. Можно е џавкајќи и меѓусебно да почнат да се колваат. Нашето меѓусебно џавкање и скубење на сопствените пердуви, е прастара работа. Изгледа, тоа ни е во крвта… Затоа вековно поробени чекориме по туѓите патишта на сопствениот недоод, кој нема никогаш да заврши…

И сега, триесет години потоа, чекориме по недоодот. Џагориме разџавкани околу една или друга дневна случка, со едни „за“, други „против“, и секое чудо за три дена… Како да не било…

Дур ние си џавкаме откажани од нашинците во соседството, а со тоа, полека и од самите себе, некои, си ги бараат своите таму каде што ги има… а некои, и таму каде што ги нема.

И така, некој кој е до нас и покрај нас, но не и со нас, како и некои од најблиските комшии, како чудотворци си ги штелуваат мислите во умот, кој ние го немаме. Потоа, наштелуваното ќе ни го пренесуваат во нашата празна зона како замена за сопствена размисла, а ние ќе го прифаќаме… И така, туѓите соништа, туѓите надежи и желби и остварувања, се пластат во нас како наши…

Поврзани содржини