РАЗУМНО Е ДА Ѝ СЕ ДАДАТ ГАРАНЦИИ НА МАКЕДОНИЈА ДЕКА НЕМА ДА ИМА НОВИ БАРАЊА Кошта очекува напредок по локалните избори во земјава
Кошта наведе дека ги разбира негодувањата кои доаѓаат од Скопје бидејќи, како што кажа, Македонија еднаш ги сменила Уставот, знамето, како и името на земјата, и дека она што е важно во моментот е да се изгради доверба.
Разумно е Северна Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови на нејзиниот пат кон ЕУ по исполнувањето на постојните, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на брифинг за бугарските медиуми на кој присуствувал и бугарскиот премиер Росен Жељазков.
Одговарајќи на прашање на БНТ, Кошта рече дека е лично вклучен во овој процес и оти очекува да има напредок по завршувањето на локалните избори во Северна Македонија. Тој рече дека во 2022 година Европската Унија ги одобрила условите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, како и дека земјава мора да ги исполни овие обврски за да постигне напредок во преговорите.
– Ги посетив и Бугарија и Северна Македонија. Разговарав многу пати со премиерот, со претседателот Радев, со претседателот на Северна Македонија, со премиерот Мицкоски. И верувам дека по изборниот период, кој моментално е во Северна Македонија, можеме да разговараме и некако да постигнеме напредок во овој процес. Северна Македонија долго време работи на овој процес – рече Кошта.
Тој наведе дека ги разбира негодувањата кои доаѓаат од Скопје бидејќи, како што кажа, Македонија еднаш ги сменила Уставот, знамето, како и името на земјата, и дека она што е важно во моментот е да се изгради доверба.
– И, секако, тие очекуваат дека пристапувањето сега може да се прецизира, но она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат. Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и го очекуваме подоцна. Нема да сакаме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба – рече Кошта.
Тој вели дека токму поради потребата од градење доверба ги поканил владите во Скопје и Софија да започнат соработка на конкретни прашања. Кошта го посочи подобрувањето на поврзаноста меѓу двете земји, како што се транспортните коридори, што би ги поврзало народите и би ги подобрило економиите.
Како што пренесе БТА, во однос на европската интеграција на Западен Балкан, Желјазков потсетил дека темата е приоритет за Бугарија уште од нејзиното претседавање со Советот на ЕУ.
– Ставот на Бугарија за Република Северна Македонија останува непроменет. Единствениот пат напред е целосно спроведување на договорите од европскиот консензус од јули 2022 година, без можност за нивна ревизија – изјавил Желјазков.
Тој изразил надеж дека почитувањето на правата на бугарското малцинство и ангажманот за нивно впишување во македонскиот Устав ќе бидат исполнети, затоа што тоа е предуслов за патот кон полноправно членство во ЕУ. Притоа посочил дека компромисниот предлог за време на француското претседателство бил одобрен од Советот и добил одобрение од бугарскиот парламент, а Бугарија и со нова одлука на парламентот годинава ја потврдила својата позиција и изрично изјавила дека нема да поставува други барања.