РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈОВЕСКИ И КАЗНИ ЗА ПОЛИТИЧАРИТЕ ПОБАРАА ДЕМОНСТРАНТИТЕ Нема мир додека не се најдат вистинските виновници
Разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески и казни за вистинските виновници, вклучително и политичарите, беше побарано на денешниот протест пред судот во Тетово во врска со пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 лица.
– Денеска се собравме пред Обвинителството и пред Судот за да го изразиме гневот на граѓаните за манипулацијата и извртувањето на судскиот процес за трагедијата од 8 септември, каде живи изгореа 14 наши сограѓани. За 5 години имаме 4 трагедии, 97 жртви и нула денови затвор. Затоа довербата во правосудниот систем на оваа држава е нула. Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива – рекоа демонстрантите.
Тие велат дека Обвинителството и Судот се дел од злосторничко здружување кое ја држи државата во заложништво.
– Бараме Владата веднаш да го разреши јавниот обвинител Јовески и другите обвинители инволвирани во оваа монструозно дело да одговараат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот. Нема правда, нема мир! – порачаа демонстрантите во Тетово.
Протестот беше најавен по објавувањето на документарецот на ИРЛ насловен „Убиство во Тетово“.