Разрешената судијка Кичеец за ТВ24: Вознемирена сум, ќе поднесам жалба
Навистина не знам каде е мојата вина, ценете сами, меѓутоа, тоа е што е, мора да се прифати - изјави за тв 24 судијката Кичеец.
Судијката Весна Кичеец од Основниот суд Охрид која Судскиот совет ја разреши поради несовесно и нестручно постапување во судскиот процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски од 2016 година, во изјава за ТВ 24 најавува жалба против разрешувањето.
– Искрено, не можам да поверувам во информацијава. Секако дека ќе вложам жалба. За ваша информација, првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот, по признание на вина и изречена му беше казна од 16 години. За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата, висока била казната и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максиналниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на 8 години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Навистина не знам каде е мојата вина, ценете сами, меѓутоа, тоа е што е, мора да се прифати – изјави за тв 24 судијката Кичеец.
Инаку 27годишниот Димитар Матиловски беше убиен на новогодишната ноќ во 2016 пред кафебарот „Табана“ во центарот на Охрид. За убиството се гони српскиот државјанин Бојан Угреновиќ кој тогаш бил турист во Охрид и го претепал Матиловски до смрт. Во меѓувреме, Угреновиќ избега од Македонија.