РАЗРЕШЕН СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ ОД АПЕЛАЦИЈА Беше ставен на црната листа на Стејт департментот

Стејт департментот го стави судијата Беџети на црната листа со забрана за влез во САД, бидејќи имале докази дека е вмешан во значителна корупција преку примање мито.

681

Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од судија во Апелациониот суд во Скопје.

Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седница одржана на 03.09.2025 година донел решение ОСЖ-4/25 со кое го потврдува решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија од 26.05.2025 година.






Судскиот совет на Република Северна Македонија по спроведена постапка за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети, судија на Апелациониот суд Скопје на седницата одржана на 26.05.2025 година донесе Одлука со која судијата Енвер Беџети, судија на Апелациониот суд Скопје се разрешува од вршење на судиската функција.

Одлуката на Судскиот совет беше обжалена од страна на судијата Енвер Беџети до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Решението на Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Врховниот суд на Република Северна Македонија со кое е одлучено по жалбата поднесена од Енвер Беџети судија на Апелациониот суд Скопје е доставено и примено од Судскиот совет на 22.09.2025 година.

Судскиот совет на Република Северна Македонија има законска обврска одлуката за разрешување на судија да ја објави на својата веб страна и во „Службен весник на РСМ“ по правосилно завршување на постапката.

Одлуката за разрешување на судијата Енвер Беџети, Судскиот совет на Република Северна Македонија ја објави на својата веб страна и во „Службен весник на РСМ“ бр. 197/25 од 24.09.2025 година.

Стејт департментот го стави судијата Беџети на црната листа со забрана за влез во САД, бидејќи имале докази дека е вмешан во значителна корупција преку примање мито. По објавување на имињата на Беџети и на Артан Груби од страна на амбасадата на САД во земјава, Јавното обвинителство отвори предистрага.

Во својата одбрана пред Комисијата во Судскиот совет, разрешениот Беџети изјавил дека против него нема кривичен прогон, а самата „црна листа“ не претставувала обврзувачки документ во државата.

Поврзани содржини