РАЗОТКРИЕНИ СЕ КОРУМПИРАНИТЕ НОВИНАРИ НА БИ-БИ-СИ Трамп му се заблагодари на Телеграф
Коментирајќи ги изјавите на претседателот Трамп, поранешната уредничка на вести Дебора Тернес рече: „Нашите новинари не се корумпирани и јас стојам зад нивната работа“.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) ги оцени новинарите на британската телевизиска мрежа БИ-БИ-СИ како „корумпирани“, по соопштението за оставките на генералниот директор и уредничката на информативната програма, кои биле вмешани во контроверзна монтажа на еден од неговите говори.
„Највисоките луѓе во БИ-БИ-СИ , вклучувајќи го и Тим Дејви, шефот, сите даваат отказ/се отпуштат, бидејќи беа фатени како го „фалсификуваат“ мојот многу добар (совршен) говор од 6 јануари. Благодарност до Телеграф за разоткривањето на овие корумпирани „новинари“. Ова се многу нечесни луѓе кои се обидоа да влијаат на претседателските избори. Пред сѐ, тие се од странска земја, земја која многумина ја сметаат за наш сојузник број еден. Каква ужасна работа за демократијата“ – напиша Трамп.
Аферата, која во вторникот ја откри британскиот весник Дејли телеграф, се однесува на документарен филм емитуван една недела пред претседателските избори во САД на 5 ноември 2024 година.
БИ-БИ-СИ беше обвинет дека монтирал делови од говорот на Доналд Трамп одржан на 6 јануари 2021 година, на таков начин што изгледало како да им кажува на своите приврзаници дека ќе маршира со нив до Капитол за „жестоко да се борат“. Всушност, тој рекол дека ќе „се бори жестоко“ во вториот дел од истиот говор, а не веднаш откако рекол дека ќе оди со демонстрантите до Капитол.
Генералниот директор на БИ-БИ-СИ, Тим Дејви, и извршната директорка на вестите, Дебора Тернес, вчера поднесоа оставки.
Тернес, која утрово дојде во зградата на BBC, изјави пред новинарите дека БИ-БИ-СИ не е „институционално пристрасен“ и дека таа ја презема одговорноста врз себе. Видливо емотивна, таа рече:
– Беше привилегија во мојата кариера да служам како извршен директор на BBC вести и да работам со нашиот блескав тим на новинари. Поднесов оставка за време на викендот затоа што одговорноста лежи на мене. Но, сакам едно јасно да го нагласам, БИ-БИ-СИ Вести не е институционално пристрасен. Затоа е и најсигурниот светски извор на вести – рече таа.
Коментирајќи ги изјавите на претседателот Трамп, Тернес рече: „Нашите новинари не се корумпирани и јас стојам зад нивната работа“.
На прашањето зошто не се решени пропустите поврзани со Трамп, антисемитизмот и правата на жените, таа одговори: „Сигурна сум дека таа приказна ќе излезе на виделина“.