РАЗОТКРИЕНА РУСКА ПРОПАГАНДНА МРЕЖА НА ТИК-ТОК Илјадници профили ширеле лаги за Украина и влијаеле на угледот на тамошните министри
Начинот на којшто Би-Би-Си ги разоткрило лажните корисници бил по тоа како го користат јазикот од земјата за која се претставувале дека се. Тие користеле руски конструкции за да формираат реченици.
Илјадници профили на социјалната мрежа ТикТок ширеле лаги за Украина и за украинските профили, открива Би-Би-Си во сопствено истражување. Милиони корисници на ТикТок биле изложени на лгит дека високи украински функционери и нивните роднини купувале луксузни автомобили или вили во странство од почетокот на војната. Пропагандата на овие профили биле клучни и за разрешувањето на украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, тврди неговата ќерка.
Би-Би-Си проверил речиси 800 вакви лажни сметки на ТикТок, додека самиот ТикТок објави дека отстранил повеќе од 12.000. Тие се претставувале како корисници од европски земји: Германија, Франција, Полска, Израел и од Украина. Лажните профили користеле слики од имоти од различни сајтови за продажба.
Начинот на којшто Би-Би-Си ги разоткрило лажните корисници бил по тоа како го користат јазикот од земјата за која се претставувале дека се. Тие користеле руски конструкции за да формираат реченици.
Една од лагите, дека ќерката на министерот Резников купила вила во Шпанија била направена со помош на глас генериран од вештачка интелигенција. Анастасија Штајнхаус била изненадена кога нејзиниот сопруг ѝ го пратил видеото прашувајќи ја дали навистина ја купила куќата. Таа рекла дека не поседува имот никаде надвор од Украина.
Анастасија вели дека оваа слика за Резников која била вештачки создавана одиграла улога во отпуштањето на нејзиниот татко: „Тоа влијаеше на животот на татко ми и неговата кариера“. Едно видео само по себе можеби немало никаков ефект, рече Штајнхаус, но кога ќе се повтори пет пати од различни делови на светот и земја, почнува да работи.
Резников беше разрешен од функцијата министер за одбрана во септември поради низа скандали во Министерството за одбрана кои вклучуваа набавка на стоки и опрема за војската по надуени цени. Но, тој лично не беше обвинет за корупција.
Украинскиот претседател Зеленски објавувајќи ја одлуката за разрешување на Резников рече дека „на министерството му требаат нови пристапи“. Иако тој не ја спомна корупцијата во својата изјава, некои во Украина ја поздравија оставката, која уследи по повеќекратните обвинувања за корупција во кои се вмешани подредените на Резников.
Од ТикТок изјавиле дека сè уште истражуваат кој стои зад мрежата и дека пронашол лажни видеа на два други јазици – италијански и англиски.
И покрај исклучувањето на 12.000 профили Би-Би-Си тврди дека апликацијата уште нуди десетици видеа кои се чини дека се дел од истата пропагандистичка мрежа.